Откриена е официјалната причина за смртта на актерот Метју Пери, речиси два месеци откако беше пронајден мртов во неговиот дом во Калифорнија. Актерот од популарниот ситком „Пријатели“ имаше 54 години, пишува „Њујоркпост“.
Според извештајот од обдукцијата, смртта на покојниот актер се должи на акутни ефекти од кетамин и случајно давење. Исто така, коронарната артериска болест и влијанието од бупренорфин се наведени како други состојби кои придонеле за неговата смрт.
Според извештајот, Метју бил чист 19 месеци, но бил на инфузиона терапија со кетамин дури една и пол седмица пред смртта. Во близина на базенот на неговата резиденција не беа пронајдени лекови или апчиња.
Како што беше претходно објавено, актерот беше пронајден под вода во своето џакузи, од својот асистен, пред властите да бидат повикани и да се појават на местото на настанот.
Метју беше испратен до неговото вечно почивалиште од семејството и неговите колеги од „Пријатели“ – Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиза Кудроу, Дејвид Швимер и Мет Лебланк.
На 3 ноември тој беше погребан на гробиштата во Холивуд Хилс, Калифорнија, кои се наоѓаат спроти местото каде што серијата „Пријатели“ се снимаше 10 години. Инаку, Анистон неодамна откри дека била во комуникација со Пери истиот ден кога тој починал.