Денеска по кратко боледување замина еден од доајените на македонското новинарство Предраг Димитровски.(1959-2023) Димитровски е новинар со над 30 годино искуство,беше главен уредник во весникот Вечер од 2005-2006 година а потоа работеше и во Дневник.
Беше и во Лустрациската комисија и одговорен за односи со јавност. Последните години од работниот век ги помина во „Република“ и „Пресинг ТВ“ каде специјалност му беа теми позврзани со односите со Бугарија. Неговите колумни предизвикуваа големо влијание и беа меѓу најчитаните.
Ќе ја паметиме неговата посветеност кон работата, неговата принципиелност, лојалност. Посветуваше внимание на секоја буква во негоават реченица, го одмеруваше секој напишан збор, внимаваше на најситниот детаљ. Го нарекувавме жива енциклопедија. Во глава ги имаше сите информации, сите датуми, сите податоци од поблиската и подалечна историја.
Пепи беше колега со кој беше задоволство да се работи. Смирен, умерен, колегијален. Никогаш не се наметнуваше, иако со себе носеше години и години искуство и знаење. Помладите колеги можеа да учат од него што значи да се биде новинар, колега, но пред сѐ човек. Смислата за хумор, шегите на своја сметка, расположението за дружење и добар муабет, посветеноста кон работата, но пред сѐ кон семејството беа само дел од епитетите кои го красеа како личност.
Неговата лавовска борба не го напушти до самиот крај. За жал, после многу победи во животот, последната ја загуби… Замина… Но останаа неговите колумни, неговите анализи, неговите авторски дела преки кои долго ќе се споменува неговото име.
Димитровски доби награда од МАН за долгогодишен придонес за професионално известување во професијата. Посебно беше горд на биографијата на Павел Шатев на која активно работеше.