Еден скопјанец најде начин како да ја искористи ситуацијата со вонредното вадење нови лични документи поради промената на државното име, па според тоа што го гледаме на терен, очигледно добро му тргна „бизнисот“, објави порталот Денар.мк.

Тој си поставил пластично столче пред пунктот на МВР за фотографирање кај полициската станица „Пролет“, каде што постојано чекаат редици граѓани да се фотографираат, па на пензионерите им наплаќа за пополнување на документите/барањата за фотографирање. За еден документ тој наплаќа 100 денари.

„Добро е тоа што таму е дечкото, бидејќи баш денеска ги заборавив очилата и не можев да го пополнам барањето. Тој ми помогна и ми го даде готово. Брзо го направи тоа, не поминаа ни 5 минути. Му ја дадов личната карта, му кажав какви документи ми се потребни и работата беше веднаш готова. Само 100 денари ми бараше, не е многу“, раскажува една пензионерка која ја затекнавме пред пунктот на МВР.

Но, не сите се согласуваат со неа. Еден пензионер се побуни дека цената е превисока со оглед на тоа што човекот тера бизнис на диво.

„Стојам тука веќе час и половина, а човекот веќе заработи над 1.000 денари од пензионерите. Тоа е искористување на луѓето. Ние сме пензионери, не сме богати. Немаме пари за да ги трошиме на такви работи. Ако сака да ни помогне, тогаш нека ни помогне. Или барем нека ја намали цената. Ете, нека наплаќа 20 или 30 денари, ама 100 денари е навистина премногу за нешто што е всушност бесплатно“, вели тој.

Екипата на Денар неформално разговараше со вработените на пунктот, кои, пак, ги советуваат граѓаните да не плаќаат за пополнување на документите, бидејќи таа услуга е бесплатна.

„Апелираме до граѓаните да не плаќаат никому за пополнување на барањата. Тие можат да го направат тоа бесплатно на нашите шалтери или на нашата веб-страница“, коментираат вработените.