Почина Силјан Мицевски (78), поранешен градоначалник на Битола и почесен конзул на Република Србија во Битола. Силјан Мицевски беше прв избран градоначалник на Битола, на непосредни избори што се одржаа во 1996 година, а во 2007 година со Одлука на Владата на Република Србија беше назначен за Почесен Конзул на Република Србија во Битола.
Професионалната кариера на Мицевски е втемелена на ГП „Пелистер“-Битола која датира од 1968 година, најголемата љубов и самоодрекувања во животот на Мицевски се врзани за спортот и посебно ракометот каде бил ракометар, прв македонски меѓународен ракометен судија, и поддржувач на РК „Пелистер“, денес РК „Еурофарм Пелистер“.
Силјан Мицевски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „4-ти Ноември“ во 1979 година, наградата „Интернационална ѕвезда – златна категорија“ доделена во Париз 2003 г., престижното признание „Личност на Југоисточна Европа“ за 2016 година кое му беше врачено на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а во 2016 година му беше доделено државното знаме на Република Србија.
Кој беше Силјан Мицевски – Циле? (извор: Фактор.мк – текст објавен во април 2015 година)
Мицевски беше градоначалник на Битола во периодот од 1996 – 2000 година и тоа од редовите на СДСМ. Жестоко и свртува грб на својата партија, откако заедно со неговата сопруга Виолета Мицевска 21 ден беа притворени во Истражниот затвор во Битола, по обелоденувањето на аферата ТАТ во 1997 година.
Мицевски, сепак низ кривично-правна и судска постапка беше ослободен од сите обвиненија за негова вмешаност во аферата “ТАТ” и поведе постапка за надомест на штета против државата. Народната банка му исплати отштетата од повеќе од 25 милиони денари на градежното претпријатие “Пелистер” од Битола. Прв човек на таа фирма е токму Силјан Мицевски, кој беше еден од седумтемина обвинети за аферата “ТАТ”.
Во судскиот процес од охридскиот Основен суд тој подоцна беше ослободен како невин. Името на Силјан Мицевски во минатото се поврзуваше и со неколку други финансиски афери. Битолската јавност шпекулираше оти во 1997 година без одлука и одобрување од Министерството за образование, започнала изградба на училишна спортска сала од страна на градежната фирма “Пелистер”. Направениот долг кој со камата наводно изнесувал 80 милиони денари, без никаков склучен договор со министерството за образование, фирмата ги наплатила веднаш по доаѓањето на владата на Црвенковски во ноември 2002 година.
БИРН ја истражуваше врската на бизнисменот Мицевски со владеачката ВМРО ДПМНЕ БИРН истражуваше кои се бизнисмените од „бомбите“ на Заев и кои се нивните релации со претставниците од власта. На вчера објавената „политичка бомба“ во Битола, можеше да се слушне разговор кој наводно се води меѓу бизнисменот Силјан Мицевски, сопственик на градежното претпријатие „Пелистер“ и Влатко Чингоски, поранешниот директор на ЕЛЕМ.„Слушај вчера бев ваму и ми дадоа некое ливче со имиња, кај тебе шо работат и кои не се сигурни за гласање. Па да…“, вели Чингоски. „Абе кој нема сите ќе ги избркаме кажи кои се тие и готово“, одговара сопственикот на „Пелистер“. „Не не треба да ги избркаш, не треба.
Треба да ги убедиш да гласаат, ако не гласаат тогаш ќе ги избркаме“, вели Чингоски. Влатко Чингоски, поранешниот прв човек на ЕЛЕМ дојде на чело на компанијата кон крајот на септември 2006 година, веднаш по изборите кога ВМРО-ДПМНЕ ја доби власта. Во 2012 година, тој се повлече од лични причини.
Токму ЕЛЕМ и градежната компанија на Силјан Мицевски, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, ги имаат склучено едни од најголемите тендери за јавни набавки во последниве 5 години вредни околу 100 милиони евра. Првиот, двегодишен договор на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Брод – Гнеотино е со фирмата „Пелистер“ од Битола во 2012 година. Со овој договор се ангажираат работници и градежна механизација за ископ и транспорт на јагленот за 53 милиони евра. Другиот договор е за истата намена, но за периодот од 2014 – 2016 година. Со овој договор ЕЛЕМ ангажира од 450 до 550 работници и опрема за ископ на 3.900.000 тони јаглен.
Овој договор тежи над 47 милиони евра, стои во истражувањето на БИРН. Мицевски – најкрупна риба во Битола Мицевски е прв човек на градежното претпријатие „Пелистер“, неговото семејство поседува близу 50 аптеки „Еуро фарм“ низ цела Македонија. Поседува капитал и во повеќе компании низ Македонија што се занимаваат со градежништво. Тој е почесен конзул на Србија кој ја приватизираше градежната компанија Пелистер. Според информациите тој и неговата ќерка имаат низа компании на свое име , а во многу компании и се акционери
Поседува голема градежна компанија која работи во Битолскиот регион ,а фирмите во Скопје на неговата ќерка се во сосема други полиња. Денес Силјан Мицевски е еден од најмоќните бизнисмени во Југозападниот дел и најбогат во тој регион во бизнисот со ископ и градежништво. Поседува недвижности во Битола,Охрид ,Скопје и други градови во Македонија. Мицевски ги помага спортот и културата во Битола Силјан Мицевски важи за човек што со години помага во битолскиот спорт, културата, а им помогнал и и на голем број битолчани. Сопственик е на РК Пелистер. (извор: Фактор.мк – текст објавен во април 2015 година)