Припадник на полициските специјалци на МВР вперил пиштол кон бремена жена, со што предизвикал физичка пресметка во која има и повредени, во кафеана во скопската населба Белимбегово, изминатата ноќ, објави порталот НЕТПРЕС.
Како што дознава „Нетпрес“ од извори во МВР, полициски службеник, припадник на специјалната единица „Тигар“, во угостителски објект вперил пиштол кон бремена жена и кон нејзина пријателка – кумашинка. Неофицијално, извесен Иван М. е припадникот на полициските специјалци, кој го вперил пиштолот во бремената жена. На ова реагирал сопругот по што настанал инцидент, а според полицискиот извештај до кој дојде НетПрес, имало и неколку повредени лица. Заедно со нив во кафеаната бил присутен и извесен Кире К. полицаец од полициската станица во Драчево и токму тој ги препознал Иван М. и другите лица со него, дека се припадници на единицата „Тигар“, кои исто така учествувале во инцидентот.
Случајот во полициската станица Гази Баба го пријавил анонимен граѓанин кој при тепачката бил повреден, а воедно доставил лекарска документација и снимки од настанот.
На 23.12.2023 година од страна на анонимен граѓанин пријавено е дека во угостителски објект во населба Белимбегово, полициски службеник од САЕ Тигар вперил пиштол кон бремена жена и кон нејзината кумашинка, по што дошло до нарушен ЈРМ, и има и повредени лица, а дополнително на пријавителот му се јавувале и од различни броеви да го прашаат зошто пријавувал за настанот. ПријавитеЛот со сопругата се упатени во ПС Гази Баба да го пријават настанот со лекарска документација и снимки, се вели во полициската информација до која дојде НетПрес.
Неофицијално во тепачката учествувале Кире К. полицаец од ПС Драчево кој ги познал напаѓачите дека се од САЕ „Тигар“ и уште едно лице, наводно викано Стивен, кое било со него заедно, и со двете жени. Од другата страна учествувале припадници на „Тигрите“, од кои еден од нив бил Иван М. (извор: Нетпрес)
ДЕМАНТ ОД МВР
Министерството за внатрешни работи демантира дека полициски службеник вперил пиштол во бремена жена во угостителски објект, но сепак потврди дека имало инцидент во кој биле вклучени полицајци.
„Вистината е дека имало инцидент во угостителскиот објект во кој учествувале полициски службеници кои не биле на работа, но не бил вперен пиштол во бремена жена. Учесниците се веднаш приведени, а во расчистувањето на случајот е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминиалистички истраги и професионални стандарди.
Во продолжение целиот настан, кој е даден и во редовниот дневен извадок од дневни настани: Денеска (23.12.2023) во 01.35 часот од полициски службеници од СВР Скопје биле приведени И.М.(29) од Скопје, Т.С.(32) од с.Штрбово-ресенско и С.К.(28) од с.Орешани-скопско поради тоа што во угостителски објект во населбата Илинден, како што е пријавено, по претходна расправија помеѓу И.М. кој бил заедно со Т.С. од една страна и К.К.(29) од Скопје кој бил заедно со С.К. од друга страна, К.К. со остар предмет замавнал кон И.М. по што И.М. извадил пиштол, а потоа С.К. физички го нападнал И.М. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во демантот на МВР.