Натпреварот од Суперкупот на Турција меѓу Фенербахче и Галатасарај нема да се игра во Ријад откако изби еден вид политички скандал.

Натпреварот требаше да започне во 18 часот и 45 минути, но организаторите не им дозволија на екипите да ги носат маичките на Мустафа Кемал Ататурк за време на загревањето.

Саудијците на овој начин ги навредија претставниците на турските гиганти, а по кризен состанок натпреварот беше откажан.

Фенербахче и Галатасарај сакаа да му оддадат чест на Кемал Ататурк по повод стогодишнината од основањето на Турција, но Саудијците тоа не им го дозволија.

На состанокот присуствуваа министерот за спорт на Турција Аскин Бак, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Турција Мехмет Бујукекси и претседателите на Фенербахче и Галатасарај Али Коч и Дурсун Озбек, кои донесоа заедничка одлука да не играат.

Како што се наведува во заедничкото соопштение, натпреварот ќе се одигра подоцна, а засега не се знае кога тоа би можело да се случи.