Српскиот контроверзен политичар, Срѓан Ного, не може да ја компромитира истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, смета скопското Обвинителство. Оттаму за „Скопје1“ посочуваат дека ги имаат сите потребни докази за да ја утврдат цела траекторија на движење на четворицата осомничени, за чиј предводник, истрагата покажала дека е Љупчо Палевски-Палчо.
„Јавното обвинителство ги има обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Од тие причини не постои никаква опасност за компромитација на истрагата со објава на снимки од видео надзор на објекти. Сепак, лицата кои ги објавуваат овие видео снимки треба да размислат за етичноста на ваквите објави и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите“, велат од Обвинителството за „Скопје1“.
Ного, во две засебни објави споделил фотографии од возилото „цитроен“ сопственост на убиениот Панче Жежовски. Тој најави дека ќе ги објави и снимките кои ги поседува, но не открива кој му е изворот односно кој му ги дал, ниту пак, зошто се решил да тргне во поход да објавува снимки од убиството. Најавата доаѓа во исти ден, кога Кривичен суд го продолжи притворот за сите осомничени.
„Ексклузивно ги објавувам снимките од киднапирањето на Вања Ѓорчевска од 27 ноември во 07:29 часот и 30 минути, како и сите други снимки од киднаперот снимени од камерите. И ексклузивно објавувам видео од „киднапирањето“ на Панчо Жежовски, фризер од Велес. Ќе дознаете како течела истрагата и кој всушност ги разрешил двата случаи, со нив го поврзал Љупчо Палевски Палчо и обезбедил докази за апсењето на штипјанецот Влатко Кешишов, штипјанецот Велибор Манев и Боре Видевски од Велес. Очекувајте ексклузива во петок 05.01. во 16 часот. Следете ме“, напиша Ного на „Твитер“.
Познато е само дека по убиствата, осомничениот за организација и реализација, Љупчо Палевски-Палчо отиде за Белград, каде помина еден ден. Потоа беше и во Ниш. Од убиството на Вања, до напуштање на Македонија од страна на Палчо поминаа четири дена.
Во овој случај, Љупчо Палевски-Палчо е осомничен дека бил планерот, организаторот и реализаторот на двете убиства. Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев се осомничени за киднапирање и убиство на двете жртви. Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања се сомничи дека му дал информации на Палчо поврзани со времето кога неговата ќерка ја напушта зградата и оди на училиште. Последниот осомничен е Стефан Димковски, кој беше уапсен за помагање на бегството на Палчо, бидејќи отишол до Белград да го земе Палевски и да го однесе во Турција.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.