МВР ноќва соопшти дека останува во зградата на владината компанија М-НАВ да ја обезбедува затоа што е загрозена безбедноста не само на контролорите на летање и на останатите вработени сплотени во три синдикати, туку и да обезбеди безбедно функционирање на авиосообраќајот над македонското небо и на аеродромите во Скопје и Охрид.

Вечерва во М-НАВ беа собрани сите контролори на летање, инженери, инструктори и други вработени, додека припадници од Секторот за насилен криминал од МВР уште се таму на увид по денешниот напад од 8 насилници врз вработени во радарската соба каде што е сместена обласната контрола на летање и каде што се водат прелетите. Дошле и колегите од Охридската контрола на летање.

САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека непосредно по денешната прес-конференција пред М-НАВ на претседателот на синдикатот Александар Тасевски, а зад кој застанаа голем број вработени и му аплаудираа, 8 насилници во две возила влегле во зградата и нападнале вработени од албанска припадност.

Тие поминале 3 бариери на обезбедување. Таму нема можност за движење без придружба, но напаѓачите се движеле со Беким Незири од ДУИ, вработен во М-НАВ. Беким Незири претходно беше на неколку високи политички функции, меѓу кои и министер за економија во Владата на Никола Груевски.

Според сведоци, Незири ги внел насилниците директно во радарската соба, отворајќи им со неговата електронска картичка. Таму се случил физички напад на дел од нив, затоа што излегле да му дадат поддршка на Тасевски, но и да изразат протест против самоволието на менаџментот предводен од директорот Фахрудин Хамиди.

Во радарската соба има сигурносни камери, но контролорите на летање веднаш направиле копии од снимките плашејќи се дека некој од менаџментот може да ги избрише. При сличен ваков инцидент во 2010, во кој напаѓач исто така бил Незири, снимките од сигурносните камери биле избришани.

Сега тие снимки биле во рацете на инспекторите од насилен криминал. За нападот се интересирале и странските амбасади, а некои од нив го покренале прашањето како овој напад би се одразил на безбедноста на воздухопловите на НАТО.

Трите синдикати во М-НАВ биле сложни да почнат генерален штрајк во среда, кога целосно би прекинал авиосообраќајот, додека Владата не ги разреши директорите Фахрудин Хамиди и Хасим Деари и додека не се почне со предистрага за нивни наводни криминални дејства во М-НАВ.

Но, по гаранцијата од МВР дека останува во М-НАВ да ја чува безбедноста, засега најавата за штрајк е ставена во мирување.