Денеска се одбележуваат шеснаесет години од хеликоптерската несреќа кај Блаце, во која трагично загинаа единаесет армиски припадници од составот на воздухопловниот Винг. Хеликоптерот падна на денешен ден 2008-ма година. Единаесетте офицери на АРМ од воздухопловната бригада успеаја да стигнат од Сараево до Скопје, но беа препратени на авионската рута за слетување и чекале еден авион прво да слета.
Таа процедура за воените воздухоплови е воведена ден пред трагедијата. Од пилотите било барано да слетуваат користејќи ги претходно додадените инструменти во хеликоптерот, а истрагата откри дека никој не ги обучил за користење на новата опрема.
При спуштањето леталото се урна, изгоре, а сите што беа внатре загинаа. Загинаа потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
Мистеријата за хеликоптерската несреќа на Блаце (Текстот е објавен во на Макфакс во 2015 година))
Паднатиот армиски хеликоптер кај Катлановско Блаце е досега единственото летало од овој тип кое паднало и комплетно се распаднало на илјадници парчиња. Експерти коментираа дека тука е клучот за мистеријата.
Нештото не го гледаме кога е премногу далеку или премногу блиску. Кажано народски, од дрвото не ја гледаме шумата. Како што, можеби, пилотот Тони Спасовски на армиската “МИ-17-ка” од маглата не ја видел шумата, кај Катлановско Блаце, што кобното пладне на 12 јануари 2008 г., него и уште 10 македонски војници-мировници ги чинеше живот.
Што е она што во две и полгодишната истрага за падот на армискиот хеликоптер сите не го видовме, а отвора суштински прашања во потрагата по одговорот, зошто падна хеликоптерот? Тврдењата на КИНСИВ (Комисија за истражување на несреќи и сериозни инциденти во воздухопловството) се добро познати, но не даваат дефинитивен одговор зошто падна хеликоптерот, туку само можни, иако мошне издржани, причини за несреќата. Како и резултатите од Воената комисија според која пилотите ја згрешиле работата (ви звучи познато?), но и оправдувањата на израелската компанија “Елбит” која инсталираше електронска опрема во леталото, според која одговорноста на контролорите на аеродромот “Александар Велики” не е доволно испитана.
ПОВЕЌЕ ОД ОСНОВАНО СОМНЕВАЊЕ
Трагајќи по одговорот, зошто истражното одделение на Основниот суд Скопје и основното јавно обвинителство толку запнале, и тоа по цена од 55 илјади фунти, да го донесат во Скопје познатиот британски експерт за авионесреќи Едвард Пули (толку пари барал Британецот), дојдовме до клучното, а од никого неодговорено прашање:Што предизвикало толку силна експлозија што леталото беше разбиено на милиони парчиња, односно до степен на непрепознатливост дека станува збор на хеликоптер?
“Сите заклучоци кои ги добивме и од КИНСИВ и од воената комисија, како и од преслушувањето на црните кутии во Москва не ни дадоа прецизен одговор кој е одговорен за падот. Затоа истрагата не може да се заврши со овие извештаи”, велат од судот.
Прашањето требаше уште првиот ден да биде поставено, кога сите ја гледавме ужасната сцена во Блаце. Додуша, ова прашање беше поставено, ама не кај нас туку во соседна Србија. Овој момент од истрагата, сепак не останал незабележан, барем не од еден искусен скопски пилот, кој решил, по свое видување, да ги спореди падовите на другите “МИ-17-ки”, ширум светот. Колку разгледувал, толку повеќе сомневањата му се потврдувале, но и стравот што би можело да (му) се случи ако на крајот се потврдат.
“Ниедна ‘МИ-17-ка’ не е толку уништена како нашата, а ги има многу што паднале. Степенот на уништување на нашиот хеликоптер, фактот дека летал многу ниско и со мала брзина, расфрланоста на парчињата, изјавите на очевидците – сè директно укажува на тоа дека леталото било разнесено од некаква направа сместена внатре, можеби меѓу многуте кутии во кои војниците ги спакувале своите работи. Ова би значело дека таа направа била поставена во базата Бутмир во Босна бидејќи нема докази оти хеликоптерот некаде слетувал на летот за Скопје. Бидејќи Бутмир е воена база, значи таму не може да влегува и излегува кој сака, кругот на луѓето што би можеле да ја подметнат е многу тесен. Тоа се или наши војници, или оние на СФОР. Додајте го на ова и однесувањето на СФОР по падот на ‘кингерот’ на Трајковски и ќе ме сфатите зошто засега не сакам јавно да зборувам”, вели нашиот соговорник.
Сепак, тој не е единствениот кој се сомнева. Еве што, по несреќата, пишуваше познатиот воен аналитичар Мирослав Лазански во колумна во белградска “Политика”:“Хеликоптерот не летал на голема височина, па ако ги споредиме телевизиските снимки со оние на паднатите ‘апачи’ хеликоптери во Ирак било заради техничка неисправност или заради соборување, на земја стигаа во многу поголеми парчиња, практично речиси цели. Македонските пилоти и техничари се доста искусни и квалитетни, а минатите години години имаа многу часови на летање, па и борбени искуства со албанските бунтовници. Со така модерна опрема, како што е онаа на ‘Елбит’, тешко дека каква било временска непогода би можела да собори ваков хеликоптер кој е тежок 13 тони”, анализираше Лазански.
И додека нашиот скопски пилот се мисли дали јавно да излезе со своите заклучоци, ние направивме една наша споредба на фотографиите на паднатите “МИ-17-ки” ширум светот со оние од Блаце. Заклучоците се кристално јасни, како што може да се види од фотографиите. “МИ-17-ка” паѓа во Мексико на 11 септември 2009 г., и тоа од еден километар висина. Несреќата се случува во близина на градот Чихахуатла, при што двајца се мртви, а тројца повредени. Во мај 2005 г., “МИ-17” удира во карпа кај Хималаите, паѓа од висина од 1.500 метри и се тумба по еден рид. Неверојатно, но сите патници, како и пилотите преживуваат. На 17 март 2001 г., во текот на воената криза во државава, воен хеликоптер на АРМ, “МИ-17” удри во бетонски столб на Попова Шапка. Загина пилотот и инженерот, а неколку војници се спасија, минаа со повреди. Преживеа целата школка на хеликоптерот. Примери има многу – и не само со “МИ-17-ки”, познати и како “летечки тенкови”, туку и со многу помали хеликоптери.
ОЧЕВИДЦИТЕ СЕ ИГНОРИРААТ
Како што е познато, први кои ја пријавија несреќата кај Блаце се двајца рибари. Според нивното сведоштво, хеликоптерот летал ниско, речиси над шумата и мошне бавно. Прво слушнале експлозија, а потоа уште една, најверојатно кога паднал хеликоптерот.
“Слушнав брмчење. И после тоа силна експлозија. Знам како брмчат хеликоптерите, па на детето му реков: ‘Падна аероплан, ене го зад баракчено, се гледа чад, експлодира горе’. Но, не се гледаше хеликоптерот бидејќи имаше голема магла”, изјави еден очевидец за “Вест” неколку часа по несреќата.Едно од можните објаснувања на експертите за експлозијата е, наводно, дека се запалило горивото (керозинот) на хеликоптерот.
“Тоа би било преседан бидејќи досега не е регистриран случај да се запали резервоар на хеликоптер, па дури и кога е погоден со ракета. Резервоарите на борбените хеликоптери се добро заштитени, во спротивно би било можно да се соборат со обична пушка. Врз нашите хеликоптери при секоја акција во 2001 г., удираше дожд од куршуми, па сепак не се запали резервоар. Овде треба да се земе предвид и фактот што, барем според извештајот на комисиите, ‘МИ-17-ката’ кај Блаце се превртела во воздух и паднала со перките на земја. А, резервоарот од 1.800 литри керозин е сместен во задниот долен дел на хеликоптерот”, вели нашиот соговорник пилот.
Останува да се чекаат одговори од Пули, кој, пак, сè уште не кажал кога ќе дојде во Скопје. И, да се испитаат остатоците од хеликоптерот кои сега се нафрлани како отпад во една гаража во МВР.
Вештачењето за хеликоптерската несреќа што се случи кај катлановско Блаце во којашто загинаа 11 припадници на АРМ, пристигна кон крајот на 2012 година од Лондон, во истражното одделение на Основаниот суд 1 во Скопје. Од судот тогаш не соопштија детали, како што рекоа, се’ додека целосно не биде разгледано вештачењето што го вршеа британски експерти.
Македонските мировници кои се враќаа дома по шестмесечната мисија во АЛТЕА, на 12-ти јануари 2008 година полетаа со хеликоптерот МИ-17околу 9 часот и 30 минути од базата Бутмир кај Сараево. Требаше да слетаат на воениот дел од скопскиот аеродром во Петровец, а последниот контакт со контролната кула екипажот го имал шест милји од целта.
Во хеликоптерска несреќа кај Катланово животот го загубија потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, заставниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Мики Ивановски, Александар Тасковски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.
За испитување на причините за несреќата Владата формираше посебна Комисија со претставници од Министерството за надворешни работи од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за правда. Комисијата требаше во најкус можен рок да поднесе и детален и финален извештај пред Владата. Државната комисија во извештајот наведе пет причини кои придонеле за несреќата – неповолни временски услови, непочитување на процедурите, неисправност на инструменти во хеликоптерот, пропусти во обуката на пилотите за интсрументално летање и недисциплинираност на екипажот. Обвинителството оцени дека извештајот на државната комисија бил проблематичен и затоа побарало странска експертиза.