Период на превирања во СДСМ, велат партиски извори за ТВ21. Како што објавивме вчера поранешниот лидер на СДСМ и премиер, Зоран Заев му поставил ултиматум на Ковачевски да се повлече од лидерска позиција во партијата до 28-ми јануари. Сепак, според она што го дознаваме, Ковачевски воопшто не размислува на оставка.
Причините за несогласувањата се предизборните калкулации и пресметки, како да се настапи на претстојните избори.
СДСМ сака широка коалиција, Европски Фронт, поточно со заеднички листи со ДУИ и Алијанса за Албанците и заеднички претседателски кандидат, кој би бил поддржан од сите овие партии уште во првиот круг. Иако начелно Али Ахмети се согласуваше на ова, сега ситуацијата се менува. ДУИ наводно се против, иако според извори на ТВ21 Ахмети се уште ја држи како отворена и оваа варијанта.
Проблемот сега е што ДУИ размислува за свој кандидат за претседател, поради тоа што не сака да остави празен простор на албанската опозиција да поентира со единствен кандидат Албанец. Како што е познато, Европскиот сојуз за промени, односно здружената албанска опозиција ќе има свој кандидат за претседател.
ТВ21 дознава дека пред два дена средба имале Ахмети и Пендаровски, на која било разговарано за актуалните состојби, но и за црните листи на САД. Впачотокот е дека објавувањето на црните листи најмногу оди во прилог на опозицијата. Се дискутирало и за случувањата во М-НАВ но и за претседателските и парламентарни избори. Варијантата која што кружеше во јавноста беше Пендаровски да ја добие поддршката од СДСМ и ДУИ за нов претседателски мандат, но откако албанската опозиција реши да има свој кандидат, ДУИ сериозно размислува во првиот круг да „исфрли“ свој кандидат, а во вториот евентуално да го поддржи Пендаровски, ако тој биде номиниран од СДСМ.
Воедно, неофицијално ТВ21 дознава дека меѓунардниот фактор побарал од албанската опозиција да не номинираат кандидат за претседател и да се фокусираат само на парламентарните избори. Сепак, биле одбиени од тројката Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
Дополнителен проблем за меѓународната заедница и причина за нивните реакции до албанската опозиција е улогата на Албин Курти во изборите во Македонија. Како што е познато Курти дава отворена поддршка на Европскиот сојуз на промени, а на изборните листи ќе има симпатизери или членови на неговата партија Самоопределување, кои се македонски државјани.
ТВ21 дознава дека Албин Курти имал средба со лидерите на албанските партии во Македонија. На таа средба со Таравари, Касами, Меџити и Гаши било разговарано да се даде поддршка на Таравари за кандидат за претседател, на што Таравари рекол дека за ова прашање очекува поддршка од претходниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Но, се чини дека не ја добил. Пред неколку денови Зијадин Села имал средба со Албин Курти, а според нашите информации, средбата не поминала најдобро, односно Села одбил да даде поддршка за Таравари да биде кандидат за претседател. (извор: ТВ21)