СДСМ ќе има добар резултат на претседателските и на парламентарните избори и СДСМ ќе ја формира идната проевропска влада, истакна заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска во емисијата „Трилинг”.
Таа додаде дека СДСМ прави детални анализи околу настапот на изборите и ја подготвува победничката програма за новиот мандат, со којашто ќе ја бара довербата од граѓаните.
– Сѐ уште ги правиме анализите за тоа што значи заеднички настап на изборите во широка коалиција, со заеднички листи, но исто така и што значи во однос на пост изборни коалиции. Навремено ќе ја известиме јавноста. Во тек се големи анкети, опсежни согледувања на сите аспекти. Ние сме посветени на нашата цел, на она што сакаме да го постигнеме за граѓаните и државата во наредниот мандат – рече Лукаревска.
Заменик претседателката нагласи дека СДСМ активно ја подготвува програмата за претстојните избори.
– СДСМ активно ја подготвува програмата. ЕУ агендата секако е наш фокус но ќе имаме и силни, револуционерни мерки, во делот на економијата, во различни ресори – додаде Лукаревска.
Главните анкети ќе бидат на денот на изборите и на претседателските и на парламентарните избори. Во 2020 година имаше анкети со кои ДПМНЕ победува и на крајот сите го видовме резултатот. СДСМ ќе има добар резултат на претседателските и на парламентарните избори и СДСМ ќе ја формира идната влада, децидна беше Лукаревска.
Зборувајќи за состојбите во правосудството Лукаревска рече дека пропустите во судството со право ги иритира и граѓаните и медиумите и сите кои добронамерно забележуваат на слабостите.
– Судската власт е одвоена од извршната. Јас исто сметам како граѓаните, дека имаше спорни одлуки и дека можеби треба некои одлуки да се преиспитаат. Судската фела мора да се соочи со сите свои мани и доблести. Поддршката од меѓународната заедница, од САД и ЕУ е добронамерна во оваа област. Драстични реформи со радикални чекори во иднина треба да се спроведат во судството – порача заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска во емисијата „Трилинг”.