Преку дефиле на маски со кои на сатиричен начин се прикажуваат случувања од политичкиот живот во земјава од минатата година, денес на пладне започна Вевчанскиот карневал.
Вевчанци денес “летаа за ЕУ” преку М НАВ, делеа вевчански лични карти и го прогласија Арачиново за музеј на “Никола Тесла”. Поради трагичниот настан, изостана музичкиот дел на дефилето и забавниот програм во вечерните часови.
Посебен интерес меѓу маските кои продефилираа, односно критики, привлече маска на која се исмејува маката на Господ Исус Христос, прикажано како носи празни гајби од пиво наредени во форма на крст.
И додека едни сметаат дека ова е само карневал и не треба маската да се сфати како богохулење, според други границата е помината и дека ова не е ниту традиција, ниту култура.
– Веќе многу одамна е помината границата. Овој народ неможе да расуди што е култура а што традиција под бр.1. И дека доста од овие “традиционални игри” всушност е паганство! Што славиме ние!? Истерувачи на духови, маскембали, вампири, вештерки, самовили, магии…!? Ова е дно на човековото битие… исмејување на Исусовата мака низ која минал самиот Исус за да ни ги откупи гревовите за да живееме ние “луѓето”!? Неможам да поверувам дека свеста воопшто не работи кај некои луѓе и дека сам Христијанин исмејува Христијанство! Дно дна… Отиде човештвото подолу одошто може да се иде. Кога на ЛГБТ мафијата им се дозволија паради на коишто се исмејуваше најдолно ликот на Исус, што очекуваме од обичниот или подпросечен интелект всушност!? Така да друже кој и да реагира нема никаква смисла веќе ништо! Знаците на последното време се тоа, башибозук и сатанизам! Нека дојде Исус уште еднаш да заврши ова зло!, се вели во еден од коментарите.
Со барање да реагира Синодот на МПЦ, резултираше имитацијата на Исус и крстот од пивски гајби на Вевчанскиот карневал. Новинарот Марјан Николовски упати остра критика и осуда. Потсети дека пред неколку години бил сквернавен Исламот и дека имало пракса тоа да не се повторува.
– Пред неколку години кога на сличен начин беше сквернавен Исламот, беше воспоставена пракса да се избегнуваат маски со навредлива содржина кон верските чувства. Ова е класично сквернавење на Христијанството и неговиот столб, Распетието и Воскресението. МПЦ, Синодот, владиците, наместо да се занимава со предмети за екскомуникација на новинари, и со седенки со странски амбасадори, уште вечерва да ја осуди оваа маска и да побара одговорност“, напиша Николовски кој со години ја следи тематиката поврзана со веронауката.