По упадот во М-НАВ, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека оваа институција се претворила во семејна фирма каде се вработувале роднини и до до трето колено.
КОД објави дека меѓу вработените во М-НАВ има и роднини на други функционери и политичари. Меѓу вработените се и снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ Беким Незири (сега осомничен за упадот во контролата на летање), а извори на КОД тврдат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши.
Роднините на Николовски и на Незири се вработени како помошници контролори, а во оперативниот дел работи и сестрата на министерот Бујар Османи. Останатите роднини работат во администрацијата на М-НАВ.
Османи за „Код“ испрати одговор дека неговата сестра работи во М-НАВ 15 години. Министерот Николовски кој претходно беше и вицепремиер за борба против корупција и за добро владеење одговори дека „станува збор за високостручен професионален кадар школуван во Јапонија, Кина, дипломиран на проблематиката каква што се бара на високорангиран универзитет во Словенија, со сите професионални капацитети за какви Република Северна Македонија треба да се бори да ги задржи“.