Главната причина поради која Ивана Јокшиќ (32) од Белград пред шест години беше ставена на листа на чекање за нов црн дроб е нејзината желба еден ден да стане мајка, што немаше да биде возможно доколку не беше успешно подложена на трансплантација.

Соништата на Ивана наскоро ќе станат реалност, бидејќи и покрај лековите што треба да ги пие до крајот на животот, со сите стравови и нервози, по многу солзи и болки, таа сега е во седмиот месец од бременоста, а доколку роди ќерка, гордо вели дека ќе ѝ го даде името Софија, по трагично починатото петнаесетгодишно девојче, чиј црн дроб го доби во 2018 година. Ивана до пред пет години имаше повремени проблеми со црниот дроб, а потоа пред летото 2018 година – пожолтела.

„Кожата ми ја смени бојата, бев целосно пожолтена. Тогаш знаев дека е нешто сериозно. Параметрите што ја покажуваат состојбата на црниот дроб не беа како што треба, поради што отидов на преглед во Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), верувајќи дека ќе примам некоја терапија и тоа ќе биде се. Не ми падна на памет дека наскоро ќе се најдам на списокот за трансплантација на органи. Докторката на Клиниката не ми кажа ништо, само ме упати на разни тестови, па отидов во друга институција да побарам мислење. Таму докторот директно ми кажа дека ми треба трансплантација ако сакам да живеам нормално и еден ден да станам мајка“, ја започнува својата приказна Ивана која сега е во седмиот месец од бременоста.

Таа беше хоспитализирана во август.

„Останав извесно време во болница, правев прегледи, а мојот доктор сè уште не ја спомна трансплантацијата, додека едно утро не ја погледнав табелата и видов дека морам да поминам низ десетици прегледи, кои се прават на кандидати за трансплантација на црн дроб. Потоа ми ја соопшти и тешката вест и ме стави на листа на чекање како приоритет. Се испостави дека имам промена на црниот дроб, која може да биде канцерогена и во тој случај нема да можам ни да добијам нов орган“.

Испитувањата траеле со недели, а кога ја напуштила болницата, на Ивана и се слошило.

„Имав тешка форма на вирусот, не можев да станам од кревет, се чувствував како да се онесвестувам. Се трудев да не го видат тоа моите родители, ниту тогашниот дечко, ниту мојот сегашен сопруг, но тоа ме кршеше од сите страни. Потоа добив лек од нашиот матичен лекар и се опоравив. Отидов да подигнам повеќе лекови на 6 ноември, кога ме известија дека фирмата во која работам ме одјавила и ми го откажала здравственото осигурување“.

„Тогаш се скршив. Плачев како никогаш досега, се излезе од мене. Дотогаш се воздржував поради семејството и дечко ми, но не можев повеќе. Мислев дека со години ќе чекам орган, ќе ми биде се потешко да живеам, да немам деца, а сега немам ни осигурување за да земам лекови. Се сеќавам дека мајка ми тогаш дојде кај мене и буквално ме потресе, ме спушти на земја и ми рече да одам во Биро и да го решам со книшката“.

Додека таа го чекаше редот на шалтерот заѕвони телефонот.

„Не одговорив бидејќи бев во гужва, а тоа беше непознат број. Кога завршив, свртев на бројот. Тоа беше покана што илјадници луѓе ја чекаа со години, а еве, за мене само три недели. Се јави докторката и ми кажа дека се појавил орган кој според сите параметри ми одговара. После тоа, од возбудата не слушнав ништо од неа, па таа постојано ми кажуваше каде да дојдам, кога и што да кажам“.

Ивана набрзо пристигнала во Клиничкиот центар, а со неа чекале уште двајца кандидати.

„Не кажавме збор. Јас бев најмладиот кандидат меѓу нив. Тогаш имав 26 години. Со мене беа 50-годишна жена и 60-годишен маж од Ниш. Повикани сме по крвна група и степен на итност. Дознав дека сум повикана како резерва. Освен таа жолтица, изгледав добро, мобилно и витално, но внатре бев катастрофа. Таа жена требаше да добие орган, но имаше бројни контраиндикации, а докторот рече дека тогаш влегов како резерва од клупата и ја одиграв играта на животот“, вели Ивана, која денес е горд член на здружението „Заедно за нов живот“.

Спремно е името за ќерката

„Една од главните причини за трансплантацијата беше тоа што сакав да станам мајка, бидејќи ми рекоа дека ако не добијам нов орган, во состојбата во која бев претходно, нема да ја преживеам бременоста. Породувањето е секогаш ризик, но сега сум витална, се грижам за себе и се чувствувам добро, иако стравот е секогаш присутен. Пред да забременам, им кажав на лекарите дека планирам да имам дете, а потоа со нивни совети се ослободив од сите лекови, освен еден што морав да го земам. Докторот, кој ја води мојата бременост, вели дека јас сум првата трудница која поминала на трансплантација, затоа е многу внимателен, но верувам дека се ќе биде во ред, иако се уште не сме разговарале за породувањето, дали ќе биде природно или со царски рез. При трансплантацијата имав операција на стомак, па со царски рез би била втора, па постои можност да биде и природно“, низ насмевка вели Ивана.

Ивана од докторот дознала дека носи девојче, а името за малата принцеза е спремно со години.

„По операцијата помина извесно време, а потоа ме повикаа мајката и сестрата на девојчето кое ми беше донатор, поточно чиј црн дроб го добив во 2018 година. Нејзиното име беше Софија, а таа за жал починала на само 15 години откако испила екстази кои ѝ го оштетиле мозокот. Од тој ден контактирам со нејзиното семејство и штом дознав дека сум бремена веднаш ги известив. Тогаш им кажав дека ако е девојче, секако ќе се вика Софија. Денес сум жива само благодарение на неа“, нагласува Ивана.