Младо момче загина, а четири лица се повредени во експлозија што се случи утринава околу девет часот во фабриката „Трајал“ во Крушевац.

Братот на тешко повредената дваесетгодишна Сара Ц. за српските медиуми открива дека ѝ била укажана итна медицинска помош, но бидејќи е во критична состојба е пренесена на ВМА во Белград.

Вели дека таа има внатрешно крварење. Во фабриката работела шест месеци.

„Беше обучена и сè беше направено како што треба, но никој не можеше да ја предвиди несреќата“, вели тој.

Загинатиот Никола Рашковиќ (18) му бил добар пријател.

Мајката и таткото на несреќното момче не можат да се помират со загубата.

„Не знам што да правам, не можам..“, изјавила неутешната мајка Весна за српски „Новости“.

На новинарите им ја покажуваат фотографијата од синот не можејќи да ги задржат солзите.

Никола загина од експлозијата на лице место. Освен Сара, повредени се уште тројца мажи, Душан Јаковљевиќ (25), Марко Милошевиќ (38) и Б.Т. (38).

Директорката на градската болница, д-р Весна Стевиќ Гајиќ, изјави дека се примени четворица пациенти од фабриката „Трајал“, од кои еден е во животна опасност, а тројца се во стабилна општа состојба.