Ќерката на американскиот хип-хоп музичар Снуп Дог, 24-годишната Кори Бродус, доживеала мозочен удар.
Девојката ја објави оваа вест на својот инстаграм-профил.
„Утрово доживеав тежок мозочен удар. Се скршив кога ми ја кажаа дијагнозата. Имам само 24 години, што направив за да го заслужам ова?“, напиша таа, објавувајќи фотографија од болничката соба.
Нејзиниот познат татко сѐ уште не се огласил на оваа тема.
Иако 24-годишната девојка не даде никакви детали за тоа што довело до нејзиниот мозочен удар, познато е дека таа се соочува со болеста лупус, која ѝ била дијагностицирана на 6-годишна возраст.
Лупус е хронично автоимуно заболување, кое се појавува кога имунолошкиот систем ги напаѓа здравите ткива и органи во телото. Воспалението предизвикано од лупус може да доведе до проблеми со зглобовите, кожата, бубрезите, срцето, белите дробови и нервниот систем.
Да потсетиме, Снуп Дог и неговата сопруга Шанте Бродус стапија во брак во 1997 година и имаат три деца – синот Корде (29), синот Кордел (26) и ќерката Кори (24).