Сообраќајната несреќа во која учествуваа три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки се случи синоќа во 20 часот.

– Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.

Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б.Т., а со телесни повреди Ѓ.Н., констатирани во болницата во Куманово. Српските медиуми утрово објавија дека во сообраќајката учествуваал рок музичарот Ѓорѓе Николиќ, познат како Ѓорѓе Давид и објавија фотографии од несреќата.

Увид на местото извршила екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатата било дадено на обдукција.