Високиот претставник на САД, О‘Брајан, рече дека став на Владата на САД е Европа. И дека имаме сили кои јавно кажаа за што се залагаат, за европски фронт и имаме други кои сè уште немаат кажано за што се залагаат, а ние би сакале да чуеме за што се залагаат. Дали се залагаат за руски источен фронт или за европски фронт. Европскиот фронт има само еден пат, а за тој се залагаме сите ние што сме во оваа сала. Од сите вас зависи, од сите нас заедно каде и каква ја сакаме нашата заедничка Македонија, да биде европска или руска. Ова денеска го порача првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на отворањето на дводневната годишна конференција „Година на европски можности“ во Скопје.

„Во последните две години на оваа наша заедничка влада, но и во последните четири години на оваа коалиција и на ова прогресивно мнозинство, но и на претходната влада и коалиција од изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на Владата во јули 2017 година, ова наше прогресивно заедништво се соочуваше со многу предизвици кои имаа само едно заедничко име, само еден единствен фактор на поттикнување, само еден центар на координација и инспирација, а тоа е Русија“, рече Груби.

Тој во обраќањето потсети на случувањата во Собранието.

„Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието, имаше еден Русин од руските служби во Собранието, заедно со колега од нашето соседство, кои ги поттикнуваа тие што протестираа да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието и мандатарот за новата влада и сите присутни таму. Своевремено имаше изјави и од министерот за надворешни работи Лавров и од неговата портпаролка Захарова, но и од претседателот Путин, кој ги знаеше сите села во Македонија и ги спомнуваше во негови интервјуа. Велеше дека огнената раскрсница за Русија во однос на проширувањето на НАТО е Македонија. Ова е изјава цитирана од страна на Лавров, а потоа Путин го спомнуваше и кумановско Грушино за да поттикнува меѓуетнички конфликти во Македонија, меѓу Македонците и Албанците, сè до случаите кои се случуваа трагични во нашите градови, вели првиот заменик на претседателот на Владата.

Според Груби, освен овие изјави, тие беа против Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и направија сè што е можно да не се потпише тој договор.

„Сите сме сведоци на сите протести, што се случуваше во Собранието. Беа против и промената на Уставот со цел завршување на деценискиот спор со соседот Грција и зачленувањето на нашата земја во НАТО. Безбедносната криза, енергетската криза, ценовната криза, инфлацијата има само едно име Русија и нивната воена агресија врз Украина и последната војна во Европа после Втората светска војна од тие размери. Имаше протести против договорот за добрососедство со Бугарија кои беа поттикнати од руски елементи во нашето општеството. Можеби сите ќе помислите дека претерувам, но досега не испаднало нешто погрешно од тоа што сме рекле, вели тој.