Организаторот на фудбалскиот турнир во Госпиќ (Хрватска) доби кривична пријава за смрт на млад фудбалер во декември 2021 година. Претседателот на Сојузот на спортови на Лика-сењската жупанија Милан Радошевиќ се товари за тешко кривично дело против општата безбедност и загрозување на животот извршено од небрежност. За тоа според Кривичниот законик му се заканува казна затвор до осум години, пишува Н1.

Станува збор за трагичниот исход на Божиќниот турнир во мал фудбал „Четири града“, кој се организираше на 19 декември 2021 година во спортската сала во Госпиќ. Според обвинението, осомничениот 57-годишен организатор не укажал лекарска помош. Се додава дека тој бил должен да го стори тоа според Законот за спорт и Законот за здравствена заштита.

Поради ова почина Марин Чачиќ, 23-годишен фудбалер на клубот Нехај од Сењ. На тренингот одржан во рамките на турнирот, на кој настапија Нехај и други клубови од Госпиќ, Оточац и Новаља, тој не се чувствуваше добро и мораше да го напушти теренот.

Помош му била укажана дури кога пристигнала брзата помош

Малку подоцна се струполи на клупа во салата. Лекарска помош му била укажана дури кога пристигнала брзата помош, па бил пренесен во Општата болница во Госпиќ. Оттаму бил префрлен во Клиничкиот болнички центар во Риека, каде бил во индуцирана кома. Почина три дена подоцна.

Обвинителството по истрагата заклучи дека организаторот е одговорен за смртта на младиот човек. Поради негово невнимание не му била укажана навремена лекарска помош во моментот кога се здобил со ненадејни здравствени проблеми и губење на свеста и на крајот починал.

Марин Чачиќ е роден во Госпиќ во 1998 година, а како млад талент дошол во младинската школа во Риека. Во Нехај првпат пристигна во 2017 година. Потоа играше во Италија за Исернија, а потоа и во Трње од Загреб. После тоа повторно се вратил во Нехај. Пред последното, трето враќање во Сењ, во 2021 година, играше и за Јединство од Бихаќ.

Радошевиќ: Постапивме законски

Радошевиќ за Хина изјави дека не се смета за одговорен за смртта на Марин Чаќиќ. Тој рече дека нема пропусти во организацијата и дека е постапено законски. Тоа не беше официјален натпревар, туку народен собир“, истакна Радошевиќ.

Таткото на починатиот фудбалер Стипе Чачиќ за Хина изјави дека организаторот на турнирот не повикал итна медицинска помош откако му се слошило на синот, туку некој друг, но Радошевиќ го отфрла тоа тврдење. „Господинот Чачиќ греши“, рече Радошевиќ.

Чачиќ додаде дека Радошевиќ поради тој случај требало да поднесе оставка од функцијата претседател на спортското друштво ЛСЖ. Тој продолжи дека неговиот син бил еден од најподготвените играчи и дека немал здравствени проблеми, освен што прележал Ковид непосредно пред тој турнир.

Откако му се слошило, бил префрлен во болница во Риека, но таму починал по неколку дена. „Наводната причина за смртта е срцева слабост, што е чудно со оглед на тоа дека срцето по смртта е дарувано на друго момче. Со одлука на лекарскиот совет се донирани седум органи“, изјави Чачиќ. Тој додаде дека бил информиран дека смртта настапила затоа што мозокот не добивал кислород пет минути или подолго и дека тоа немало да се случи доколку навреме била укажана лекарска помош.