Тјери Готије Мвумби беше вистинска сензација на Светското ракометно првенство во 2021 година. Иако официјално беше пријавен со тежина од 89 килограми, сепак тоа подоцна беше коригирано и репрезентативецот на ДР Конго на официјалниот сајт имаше 110 килограми.

Мвумби е роден во Франција, но одбра да игра за Конго и имаше неколку забележителни настапи на претходниот ракометен Мундијал. Ѝ даде четири гола на Данска, а против Бахреин беше избран за играч на мечот, иако на теренот мина само девет минути. Многумина веројатно очекуваа дека проблемот со тежината ќе го оневозможи да игра професионално во иднина, но сепак тој ги демантира сите критичари и повторно настапува за својата репрезентација на Африканското ракометно првенство, кое се одржува во Египет.

Во Франција настапуваше за неколку нисколигаши, а потоа следуваше понуда од Соединетите Американски Држави, каде потпиша за Детроит и токму таму го запозна легендарниот Шекил O’Нил, кој му го даде прекарот „ракометниот Шек“. Од фотографијата може да се забележи дека Мвумби не ја намалил својата тежина, а можеби и му одговара прекарот даден од славниот кошаркар, со кој и денес се во одлични односи.