Специјалните единици на МВР со помош на обвинителството во денешната акција во скопско, како што објави Канал 5, го обезбедија лицето Ш.М (Шеваљ Муареми) , рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Спасовски на прес конференцијата прецизира дека акцијата е спореведена во соработка со ЕВРОПОЛ, односно колегите од Франција, Белгија и Холандија.

Станува збор за организирана група, која работела меѓународно и тоа вршела шверц на кокаин од земји во Јужна Америка, како Бразил , за потоа дрогата да ја препродаваат на европските пазари. Оваа криминална група е поврзана и со нарачани убиства, за што има доволно прибавени докази, рече Спасовски и додаде дека тоа се однесува на криминал извршен од 2019- до 2021 година.

По денешната полициска акција во скопски Грчец, како и на уште неколку локации, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва изјави дека се уапсени седум лица, од кои шест во полициската акција, а едно во Шпанија. Криминалната група транспортирала кокаин од Јужна Америка во Европа и во Македонија и вршела убиства и одмазди, рече министерот.

Со поддршка на Европол и во соработка со полиции на неколку држави денеска е извршена полициска акција против лица кои биле инволвирани во трговија со дрога и вмешани во убиства, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на прес-конференција објаснувајќи дека акцијата е извршена во координација со Јавното обвинителство. Станува збор за група против која биле спроведена повеќемесечна истрага, според кои докази од ноември 2019 до март 2021 година на територијата на Македонија 47-годишниот Ш.М. од Грчец, заедно со сега починатите О.Б. и Ј.К. организирале криминална група која вршела убиства и одмазди поради користољубие.

„Имале планови кој и каде да биде лишен од живот. Оваа група делувала на меѓународно ниво и организирала набавка на кокаин од Јужна Америка, која дрога ја пренесувале во Европа, а еден дел во земјава“, рече Спасовски.

Користеле енкриптирана комуникација преку апликацијата СКАЈ, која практично не може да се следи, рече министерот и посочи на два големи транспорти на кокаин, од кои еден со количина од 430 кг кокаин транспортиран до пристаниште во Белгија.

„Дел од количината требала да заврши во Македонија. Имале уште еден транспорт до Холандија со тежина од 106 кг кокаин. Организирале и неколку транспорти до Македонија и до Албанија. Во една прилика 6 кг се транспортирале од Белгија до Македонија, како и други транспорти. Оваа група се стекнала со големи пари кои ги инвестирале во луксузни куќи, угостителски објекти и друг имот.

Обезбедени се докази дека групата на Ш.М. извршиле убиство на лице од Бардовци, потоа убиство на албански државјанин, а потоа и двојното убиство во скопско Топанско Поле на А.Б. и Б.Б.“, рече Спасовски.

Во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица, рече министерот, наведувајќи ги иницијали на лицата од криминалната група Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43) и појасувајќи дека шест лица се уапсени од македонската полиција, едно лице – Р.С. (42) во Шпанија, а останатите се гонат во соработка со меѓународна полициска помош.

Спасовски рече дека во наредниот период ќе се приберат докази и за други кривични дела сторени од овие лица. Кај уапсените лица пронајдени се големи суми на пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.

„Ќе бидете изненадени од имињата кои ќе ги слушнете во наредниот период, има и лица од МВР, од министерство, од судови и од други институции“, рече Спасовски нагласувајќи дека МВР е решително во справувањето со криминалот и дека за тоа постои и политичка волја.