Криминалната група од Грчец предводена од Шеваљ Муареми и убиените водачи на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева Жила, според информациите кои вечерва ги соопшти министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се товари за еден обид за убиство, убиство на албански државјанин како и двојно убиство во Топанско поле.

Всушност како резултат на истрагата обезбедени се докази дека Муареми заедно со членовите на групата организирале и ги извршиле овие убиства и и обидот за убиство.

Обидот за убиство на Борис Мутков – Фантом се случи во 2019 година кога кон него беше пукано во селото Бардовци каде што живее, додека се движел до автомобил „мерцедес“.
Тогаш се објавуваше дека пукањето е поврзано со нападот што се случи во „Александар Палас“ кога беше пукано кон членови на групите „Дуќанџик“ и „Грчец“. Фантом пак важеше за пријател на Џелал Ајети – Џељо од Арачиново кој беше водач на групата „Беланоца“.

Полицијата има докази за убиството на албански државјанин чие тело беше најдено на 15 мај 2020 година во селото Горна Матка. Лешто беше најден во фаза на распаѓање и беше закопан во дупка.
Освен за овие грозоморни настани, тие се поврзуваат со убиството на Африм Бериша и Бурим Вардари кои беа убиени во 2021 година во Топанско поле.

Според информациите на „Фокус“ меѓу уапсените и братот на убиениот во „Шиша бар“ Енес Исени, како и дечкото на македонска поп пејачка.

Спасовски соопшти и дека истрагата утврдила дека вработени во МВР, министерства, судови и јавни обвинителства биле поврзани со криминалната група.

-Утврдивме лица од институции на државата кои ги пренесувале податоците, односно биле соработници на криминалните активности на групата. Ова е почетокот на чистењето на криминалните структури во системот и јакнење на довербата кај граѓаните.

Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, некогаш ќе бидете и зачудени од имињата, но правдата мора да го стигне секого. Има инволвирани во многу институции, и во МВР и во други агенции и во министертства и во судови, и во јавни обивнителства,… Затоа реков, можеби ќе се зачудите во нардениот период, но тоа еднаш мора да излезе на виделина и да се покаже кои се тие кои во одреден момент велеа „држете го крадецот“, рече Спасовски.