Меѓу уапсените е и скопјанец кој е познат по тоа што е во врска со позната пејачка од македонската поп сцена. Според извори на Телма, тој е осомничен дека влијаел врз оштетен да ја промени изјавата.

На листата на осомничени на истрагата се Неџати Исени (Н.И. 44 години), Севдал Азири (С.А. 44 години), Мухамед Чајани (М.Ч. 27 години), Фадил Бајрамовски (Ф.Б. 45 години), Оливер Петров (О.П. 43 години), Шуајб Сулејмановски (Ш.С. 40 години), Фати Сулејмановски (Ф.С. 43 години), Шукри Асани (Ш.А. 27 години) и Енсар Исени (Е.И. 25 години).

По апсењето на групата, преку фејсбук статус (во живо од затвор) се јави викан Фатлум Ајети Тоте, син на убиениот Џељо Ајети пред повеќе од една деценија (тоа убиство се уште не е расветлено). Ајети-Тоте е дел од групата Беланоца, која е во улична војна со денеска разбиената група од Грчец. На видеото кое е објавено на социјалните мрежи, Ајети-Тоте слави со музика, пуши пура и коментира во живо на социјални мрежи од затвор откако полицијата уапси повеќе членови на групата од Грчец. (слика доле)

Денеска, уапсената група е осомничена за три убиства и за еден обид за убиство. Според МВР, групата на Муареми е одговори за двојното убиство во Топанско Поле кога во автомобил ситроен беа најдени застрелани 28-годишниот Африм Бериша и 24-годишниот Бурим Вардари. Убиството е извршено на 5-ти март 2021-ва година и беше едно од нерешените злостори со застрелани припадници на клановите во војната за скопскиот нарко пазар.

Групата на Шеваљ Муареми е осомничен и за убиство на албански државјанин чие тело, изедено од диви животни беше најдено над селото Горно Матка во мај 2020-тата година. Убиениот бил закопан во дупка во овој слабо населен реон, но телото било полуоткопано од диви животни. Убиениот беше препознат по специфичната тетоважа.

МВР соопшти дека групата стои и зад обидот за убиство во Бардовци во 2019-та година, кога цел на неуспешниот напад бил Борис Мутков – Фантом, жител на Бардовци и близок со групата Беланоца на Ајети од Ченто. Мутков бил нападнат додека се движел со автомобилот мерцедес. Тој инцидент се поврзуваше со нападот кој претходно се случи во хотелот „Александар Палас“ кога мета беа членовите на групата Грчец кои седеле на маса заедно со полицаец.