Американскиот претседател Џо Бајден објави соопштение по почетокот на одмаздничките напади врз Сирија и Ирак.

– Реакцијата на САД ќе продолжи во времињата и местата што ние ќе ги избираме – рече Бајден и додаде:

– Попладнево, под моја наредба, американските воени сили ангажираа цели во Ирак и Сирија кои ИРГЦ – Корпусот на иранската револуционерна гарда – и придружните милиции ги користат за да ги нападнат американските сили. Нашиот одговор започна денес. Ќе продолжи во време и место кое ние ќе го избереме. САД не бараат конфликт на Блискиот Исток или на кое било друго место во светот. Но, нека го знаат ова сите оние кои можеби сакаат да ни наштетат: ако наштетите на Американец, ние ќе одговориме – рече Бајден.

Да потсетиме, САД наводно започнале со воздушни напади во Сирија и Ирак, јавува Си-Ен-Ен, повикувајќи се на двајца американски претставници.

Одмазднички напад

Се вели дека нападите се одговор на нападот со беспилотно летало во кој загинаа тројца американски војници во база во Јордан, а беа ранети повеќе од 30 други. Наводните напади започнаа само неколку часа откако американскиот претседател Џо Бајден се сретна со семејствата на убиените војници.

Според „Си-Ен-Ен“, администрацијата на Бајден сигнализирала дека може да има дополнителни активности во наредните денови – откако секретарот Лојд Остин во четвртокот рече дека одговорот на САД ќе биде „повеќеслоен“.

Двајца функционери, кои сакаа да останат анонимни, рекоа дека нападите биле насочени кон објекти во Ирак и Сирија поврзани со иранскиот корпус на револуционерната гарда (ИРГЦ) и милициите што ги поддржуваат, објави Ројтерс.

Според Ројтерс, нападите погодиле повеќе од 85 цели со повеќе од 125 прецизни муниции. Сириските државни медиуми по нападот објавија дека таргетираните локации на САД во пустинските области на Сирија и на границата меѓу Сирија и Ирак резултирале со бројни жртви и повредени луѓе.