Во однос на јазикот кој се употребува при комуникација со своите деца на Македонците кои живеат на територијата на Сојузна Република Германија, често се претпоставува дали тоа е мајчиниот македонски јазик, дали тоа е службениот германски јазик, дали се користат и двата јазици наизменично, или евентуално се користи некој трет јазик (на пример англиски или слично).

Со цел да дојдеме до одговорот на ова прашање, на Фејсбук групата Македонци во Германија, направив анкета со јасно и концизно прашање:

За тие што живеат подолго во Германија, а имаат деца кои се родени во Германија, или се донесени многу мали во Германија: На кој јазик комуницирате со вашите деца?

Како понудени опции беа:

1.Македонски, 2.Германски, 3.Мешано (македонски/германски) и 4.На друг јазик (пр:англиски)

Свое учество во истражувањето зедоа над 1800 испитаници.

Резултатите од истражувањето беа дека над 75% од испитаниците при комуникацијата со своите деца во Германија го користат македонскиот јазик.

Само околу 4% при комуникацијата со своите деца воглавно го користат германскиот јазик.

Околу 18% од испитаниците при комуникацијата со своите деца ги користат наизменично и македонскиот и германскиот јазик.

Додека мал дел,или околу 2% при комуникацијата со своите деца користат друг јазик (на пример англиски) најверојатно надевајќи се дека на тој начин освен македонскиот (мајчин), германскиот (службен), ќе практицираат и друг јазик и на тој начин ќе ги збогатат комуникациските вештини на своите деца.

Инаку, за сите што сакаат своите деца да ги запишат на официјално школо по македонски јазик, и притоа да добијат официјална диплома, можат да се информираат на овој ЛИНК каде ќе најдат контакт од сите официјални наставници по македонски јазик во Германија. Важно да се напомене е дека меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија има договор за взаемна соработка на тоа поле, и успехот од школото по македонски јазик влегува во крајниот официјален успех на децата кои учат во било кое школо на територијата на Сојузна Република Германија .