Расте бројот на нови случаи со голема кашлица. Во изминатиов период се регистрираат 2 до 3 нови случаи на ден, што е навистина алармантно велат медицинските лица. Дали се заканува епидемија на пертусис, доколку имаме предвид дека до сега се потврдени вкупно 12 случаи, сите 12 се невакцинирани. За првиот човек на Центарот за јавно здравје состојбата е загрижувачка. Новите случаи ги пријавуваат матичните лекари, родители и самите болници во кои се лекуваат потврдените случаи на пертусис.

Поголем број се во општина Аеродром, за возраста немам точни информации. Но треба да истакнеме дека оваа болест е високо заразна и опасна по живот, особено за доенчињата до 12 месеци, која што може за жал да заврши и фатално или да остави трајни последици. Исто така е контагиозна и за школската возраст и главна цел треба да биде вакцинацијата, бидејќи нема друго оружје освен вакцинација- Бесим Зеќири, директор на Центар за јавно здравје – Скопје.

Во моментов на Универзитетската клиника за детски болести е хоспитализирано и едно и пол месечно доенче со респираторни симптоми кај кое е потврдено пертусис.

Ние ги известивме и Институтот и Центарот за јавно здравје и постапивме според препораките. Инаку доенчето е се уште на нашата клиника во контактна изолација и во моментов е во подобрена состојба. Ние со години и децении наназад вакцинираме против пертусис. Апелираме во континуитет дека треба децата да се вакцинираат навреме и тоа да не се одложува и во сегашните услови тоа е наша главна препорака за сите-доц. д-р Валентина Цвејоска- Чолаковска, директорка на Универзитетска клиника за детски болести.

Децата кои покажуваат симптоми треба да се изолираат, вели Зеќири, без да се крева паника меѓу учениците, доколку Комисијата за заразни болести не прогласи епидемија, за што има посебни критириуми во тој случај и нови околности на дејствување.

Опшите мерки на хигиена може да помогнат на пример често миење на раце носење маска, да се биде на растојание, тоа што беше и за висрусните заболувања. Меѓутоа со овие мерки ние не можеме да ја стопираме болеста за жал. Се пренесува од повозрасни луѓе на деца особено ако не се вакцинирани. Можно е болеста да ги зафати и невакцинираните лица, но со многу поблаги симтоми- Бесим Зеќири, директор на Центар за јавно здравје – Скопје.

Според министерот Меџити состојбата за сега е стабилна и се очекува утре да заседава Комисијата за заразни болести.

Ќе оставам на професионалците кои се во таа Комисија за заразни болести да се одлучи како понатаму. Но тоа што ви ветувам и до сега што ви тврдев дека состојбата е под контрола и дека ние ги надгледуваме сите состојби во здравството не само за заразни болести, но тоа што ме радува почнува месец февруари и ќе дојде крај на вируси и состојби кои го влошуваат здравјето на пациентите- Фатмир Меџити, министер за здравство.

Во меѓувреме во регионот состојбата е алармантна, во Србија починаа четири деца од голема кашлица, во Белград е прогласена епидемија поради големиот број случаи со голема кашлица. (Извор: Телма)