ТВ Клан како ексклузивна ја објави веста дека на денешната седница на Владата била донесена одлука за разрешување на двајца директори од редовите на Алијанса за Албанците и двајцата приврзаници на лидерот Арбен Таравари.

ТВ Клан објави дека дознава од владини извори дека се разрешени Бујар Абази од функцијата директор на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, од позицијата директор на Агенцијата за странски инвестиции.

Абази е потпретседател на Алијанса за Албанците и тој на Таравари му изрази поддршка партијата да ѝ се приклучи за изборите на опозициската коалиција на Албанците. Абдија пак, е претседател на гостиварскиот огранок на Алијанса за Албанците.

Алсат: Подржувачите на Таравари добиваат закани за откази

Поделбите се рефлектираат и во институциите со кои раководат кадри на оваа партија. Вршителот на должноста, директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Арсим Хасани, денес известил вработен дека договорот за вработување му престанува од денеска, иако на 18 јануари, договорот му бил продолжен. На документот за прекин на работниот однос е потписот на Хасани. Запрашан за обвинувањата кои се засноваат на политичка одмазда, Хасани ги отфрли рече дека одлуката нема политичка заднина.

„Политичките одлуки и убедувања никогаш не биле и нема да бидат одлучувачки за работниот процес. Во текот на подетална анализа на потребниот персонал на институцијата воопшто, утврдивме дека е разумно и неопходно да се намали бројот на вработени во некои подружници, а да се зголеми во други, сето тоа во смисла на најдобро функционирање на работниот процес“, вели Хасани.

По ваквите постапки реагираше шефот на АА, Арбен Таравари, кој ги потсети директорите и функционерите на АА дека 8 мај е близу, и дека обидот за заплашување на активистите нема да помине.

„Некои од активистите на АА, се обидуваат да ги заплашат со класичниот метод на системот што го рушиме, оној на заканата со „отпуштање“. Залудно е…Промената е започната и не може ништо да ја запре. Вие кои ја користите власта на овој начин, ве поканувам да купите календар или да го погледнете вашиот мобилен календар, и да прочитате…8 мај е многу, многу блиску!“, вели Таравари.

Активисти и други структури на АА,кои застанаа на страната на Травари исто така пријавиле притисоци.