Миа Костова вели дека нејзиниот син е повторно жртва на булинг – откако пред извесно време дете од одделението му рекло: „Ти немаш татко, мајка ти те родила по грешка и морала да те чува“, овој пат на Андрија му удриле бокс во стомак.
Инфлуенсерката Миа Костова на својот Инстаграм објави видео во кое откри дека нејзиниот син Андрија бил жртва на булинг.
Ова не се случува првпат, па откако пред извесно време Миа се пожали дека некое дете од класот психички го малтретирало нејзиниот син и му кажувало погрдни работи и навреди, овој пат некое дете физички го нападнало и му удрило бокс во стомак.
Миа вели дека е вознемирена од тоа што се случува и дека булингот, малтретирањето и несоодветното однесување кај децата почнуваат од дома, и од тоа што го гледаат и учат од своите родители.
„Сѐ она што се случува околу Андрија ми ја зема силата. Колку и да стојам на ставот дека треба ‘да вратиш’ во 21 век, сепак сум горда на воспитувањето и на сѐ она што е тој денес.
Булинг е сељачка работа.
Во наше време беше некако оправдан со по некој шамар и лош збор, но никако не беше поддржан со муабети од возрасните. Па ќе ти речат ‘Ајјј бе нас како нè малтретирале’. Денес е поинаку.
Затоа, биди најдобра верзија од себе пред своето дете“, напиша Миа на Инстаграм.
Во видеото таа раскажа дека пријавила првиот пат кога Андрија бил жртва на булинг, а кога дете од одделението му рекло „Ти немаш татко, мајка ти те родила по грешка и морала да те чува“.
Иако добила поддршка од сите во училиштето, целата приказна завршила со ветување дека „веќе нема да се повтори“.
Миа не открива дали и сега е во прашање истото дете, но вели дека сега Андрија бил жртва на физичко насилство.
Немилиот настан, опишува таа, се случил на час по физичко, кога Андрија врзувал врвки на патиките, а некое дете се удрило во него и кога Андрија станал, му удрило бокс во стомакот.
„Кога го прашав Андрија што направи тој, ми рече дека се повлекол бидејќи детето е пониско од него, па му било страв да не го повреди, се повлекол и ја известил наставничката.
Андрија не е дете што премногу учи, не оди на натпревари, но има воспитување за кое сум прегорда.
И знам дека тој никогаш никого на училиште не само што не би малтретирал, туку не би ни вратил…“, вели Миа, меѓу другото.
Таа доби голема поддршка од нејзините следбеници, особено што во видеото ги охрабрува сите да кренат глас и да се изборат со булингот доколку тие или некој во нивна близина се најде во истата ситуација.