По појавата на самопрогласените рани христијани во Коринт (Грција) и нивното повикување на влијанието што го добиле од членовите на сектата Амиши, многумина се запрашуваат која е оваа секта и што претставува. Станува збор за секта која „брои“ векови историја и вкупниот број нејзини членови во САД и Канада денес надминува 350.000.

Историјата на амишите почнува во 17 век во Швајцарија, кога и настанала сектата што се отцепила од анабаптистите. Меѓу многуте и различни верски заедници и верувања што денес постојат во Америка, најмногу се издвојуваат претставниците на христијанско-протестантската секта амиши. Тие живеат во технолошки најнапредната држава во светот, но во свој посебен свет. И денес тие патуваат со коњски коли и кочии, одбегнуваат да користат предмети што работат на струја, во нивните домови нема телефони, компјутери ниту пак светилки, јавуваат светските агенции.

Носат едноставна облека во темни бои. Од околу 350.000 амиши во светот, 99 отсто од нив живеат во САД, а другите се во Канада.

Првпат вниманието на јавноста го привлекле во средината на 80-тите години од минатиот век, кога е снимен филмот „Сведок“ со Харисон Форд. Денес најпозната заедница на амиши живее во округот Ланкастер во Пенсилванија, каде што е и снимен филмот „Сведок“, па поради тоа тука можат да се видат и многу туристи што доаѓаат да ги фотографираат мажите и децата облечени во црни капути и со жолти сламени шешири, и девојките и жените, кои носат долги фустани и бели шамии.

Откако ќе се оженат, мажите пуштаат брада, која никогаш не ја бричат дури и ако наполнат 90 години, што е и вообичаена старосна граница, зашто тие се хранат мошне здраво и имаат едноставен начин на живеење.

Тоа е патријархална заедница што почива на строги правила во која мажите јадат пред храната да им биде послужена на жените.

Историјата на амишите почнува во 17 век во Швајцарија, кога и настанала сектата што се отцепила од анабаптистите. Подоцна заедницата се проширила и во Германија. Тие решиле да се одвојат зашто сметале дека Анабаптистичката црква не е доволно строга и нивните верници не живеат чист и скромен живот.

Откако биле прогонети во 1693 година, тие заминале во САД. И додека Америка се индустријализирала, тие продолжиле да живеат од својата плодна земја, верувајќи дека Господ сака тие да живеат токму таков живот.

Децата на амишите одат во посебни школи во кои има една училница, а земјоделството се’ уште е главниот извор на приходи на заедницата. Тие се многу побожни, строго ги почитуваат библиските заповеди и не ги користат модерните изуми.

Да се стане амиш е право на избор, но ретки се тие што ја напуштиле таа заедница. Тинејџерите можат да избираат дали ќе се приклучат кон заедницата или ќе живеат како повеќето млади во светот. Но и меѓу нив работите се менуваат, па сега постои заедница што се нарекува „нов ред“, кои на пример користат автомобили. Интересно е и тоа што бројот на амиши во Ланкастер во изминатите пет децении се зголемил дури за три пати.

Сепак, тие продолжуваат да живеат надвор од општествените текови, но плаќаат даноци зашто законски се обврзани на тоа. Но, не гласаат на избори и не користат здравствена заштита, немаат пензии и не ги пуштаат децата во државните училишта.

Се’ до 80-тите години на минатиот век амишкиот пацифизам и старомодниот начин на живот за многу Американци бил туѓ и неразбирлив, но денес ситуацијата е обратна. Со денешното брзо темпо на живот многумина Американци се привлечени од едноставната филозофија на живеење на амишите.