Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ) одржуваат редовни состаноци во последните две недели на кои се разговара за идејата на претседателските избори да се појават со консензуален кандидат за претседател, дознава 4NEWS.mk

Според наши извори, неделава треба да има уште една средба на која ќе биде утврдено дали и двете партии се согласуваат за идејата и какви би биле изборните резултати.

Фатмир Битиќи и Имер Селмани во моментов се имињата кои се во игра. Едниот предлог на СДСМ другиот од ДУИ.

Досега Левица објави дека професорката Билјана Вакова ќе биде нивен кандидат, а на Алијанса за Албанците Арбен Тарвари. Во текот на неделата ЗНАМ на Максим Димитриевски ќе донесе одлука за претседателски кандидат, како и партијата на Стевче Јакимовски ГРОМ, од каде најверојатно тој ќе биде кандидатот. ВМРО-ДПМНЕ на 2-ри март на конвенција ќе го избира претседателскиот кандидат. Во игра се три имиња, неофицијално и пратеничката Силјановска.

Првиот човек на Алијанса за Албанците вели дека ќе се води од Хипократовата заклетва и со неговиот избор би се создала можност-различностите да се претворат во уметност на соживот и хармонија. Уверен е дека во наредните два дена ќе ги собере потребните 10.000 потписи, ќе бара поддршка и од македонските партии.

Покрај претседателски избори, на 8 мај заедно со вториот круг, гласачите во Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.