Александар Ѓорчевски, таткото на убиената 14-годишна Вања, преку бранителот Владимир Туфегџиќ денеска на јавна седница во Апелациониот суд Скопје побара да му се укине мерката притвор, објави СДК.мк.
Обвинителството во оваа фаза го застапува вишата обвинителка Фатиме Фетаи, која се спротивстави на неговата жалба и аргументираше зошто осомничениот татко за помагање во грабнувањето на својата ќерка, треба и натаму да остане во ефективен притвор во Шутка.
„Не држи тврдењето на одбраната на Ѓорчевски дека не може да избега и оти не може да го повтори делото зашто воопшто не го сторил, затоа што степенот на сомневање во него е висок, издадена е наредба за истрага од надлежен основен јавен обвинител против него”, кажа Фетаи.
Додека осомничениот Ѓорчевски седеше замислен и гледаше во една точка, адвокатот кажа дека тој не може да го повтори делото, бидејќи не го сторил.
„Не може да бега, беше тука додека ги притвораа другите. Од една трагедија што му се случила, правиме уште една за него и семејството”, кажа Туфегџиќ.
Тој додаде дека во КПУ затвор „Скопје” се врши тортура врз Ѓорчевски и за тоа го известил надлежниот обвинител.
„Шест пати е вршен обид неовластено да се врши испитување врз осомничениот. Му било наредено да се сврти кон ѕидот, да гледа во ќош, а тој што го испитувал бил позади него. Ако имал докази, зошто изнудувал докази?”, праша адвокатот на таткото на Вања.
Фатиме Фетаи побара жалбата на Ѓорчевски да се одбие и тој да остане во притвор, поради опасност од бегство, по сторување на кривичното дело помагање во киднапирање и поради влијание врз сведоците, секако и поради мотивот за помагање во грабнувањето – изнуда на пари, односно користољубие.
„Се согласувам со изјавената жалба и тоа што го кажа мојот адвокат”, кажа кусо Ѓорчевски.
Се чека на одлуката на советот во Скопска апелација, предводен од судијката Тања Милева.
За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор во Турција, откако беше уапсен по потерница во Беликесир на 5 декември.
Ѓорчевска и Жежовски беа пронајдени мртви на 3 декември.