СДСМ вечерва на партиски Конгрес ја официјализираше поддршката за нов претседателски мандат на актуелниот шеф на државава, Стево Пендаровски.
Пред Конгресот, поддршка на Пендаровски му дадоа Централниот одбор откако претходно беше усвоена и од Извршниот одбор.
„На вечерашниот конгрес Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврди својата поддршка за мојата кандидатура за втор мандат.
Им благодарам на укажаната доверба.
Во изминатите денови добив јавна поддршка за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат. Денеска многу граѓани со своите потписи ја дадоа поддршката и за само неколку часа ги собравме над потребните 10 000 потписи.
Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа.
Да продолжиме да работиме на создавање отворено, креативно, иновативно и демократско општество во кое ќе има место за секој, каде сечиј потенцијал ќе се цени и секој ќе добие можност да успее тука, дома.
Ви благодарам на сите за поддршката. Продолжуваме заедно!, се огласи Пендаровски.
Претходно тој оцени дека се лажни анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ и оти вистинските анкети покажуваат дека СДСМ и тој ќе ги добијат претстојните и парламентарни и претседателски избори.
„Реалните анкети што тие не ги дават во јавноста се дека тие се паднати под 45 пратеника, а ние сме над 50. Не е воопшто случајно денешниот резултат на СДСМ во собирањето на потписите. Трендовите од пред извесно време се променети“, рече Пендаровски.