Сопружниците Л.П.С. (25) и М.П.С. (23) кои во петокот вечерта, држејќи се за раце скокнале од 17-от кат од висококатница во Нови Сад и, како што се сомнева, претходно ги убиле нивните деца, момчиња на возраст од три и една година, детално ја испланирале смртта, а инспекторите го бараат мотивот во секта.

Мажот и жената во петокот прво ги убиле синовите во куќата во која живееле во Петроварадин, а потоа се качиле на највисокиот солитер и заедно скокнале во смрт.

Го набљудувале теренот

„Тие не живееја во нашата зграда, но очигледно е дека го познавале теренот. Веројатно доаѓале претходно овде за да разгледаат. Во петокот околу 22 часот биле снимени од камерите како влегуваат во зградата држејќи се за раце. Заѕвониле на домофон и некој им отворил. На камерите може да се види дека со лифтот најпрвин се качиле на 16-ти кат, а потоа пешки се упатиле до тој покрив. Сè правеле по план, ако се земе предвид дека знаеле каде одат и имале алат со кој го скршиле тоа дебело, двојно стакло за да излезат на покривот“, вели еден од станарите на новосадската станбена зграда.

Да потсетиме, кај сопружниците не биле пронајдени лични документи, па легитимацијата била отежната, а кога инспекторите го утврдиле нивниот идентитет, во саботата се упатиле на адресата на која живееле. За жал, таму ги пронашле телата на две момчиња.

„Телата на децата биле пронајдени во собата, тие биле во своите кревети, покриени со чаршафи. На телата немало траги на насилство, немало крв, но постои сомневање дека момчињата биле отруени. Се сомнева дека родителите им ја измешале храната со отров, им дале да јадат, чекале да делува, ги покриле телата, ја заклучиле куќата и отишле да се самоубијат“, вели извор за српскиот „Курир“ и додава дека полицијата пронашла ќеса со фунгициди во дворот на потстанарската куќа.

„Во дворот од куќата е пронајдена празна ќеса, а полицијата проверува дали постои можност децата да се отруени токму со неа. Телата се на обдукција која ќе утврди на кој начин малите го загубиле животот“, вели изворот на „Курир“ и објаснува дека труењето со пестициди, односно фунгициди е многу опасно за луѓето и предизвикува парализа на респираторниот систем, по што настапува смрт.

Инспекторите биле уште повеќе изненадени од она што го пронашле во куќата на младиот брачен пар, покрај телата и ќесата со отров. Имено, пронајдени се симболи на египетски задгробен живот, сатанистички симболи и одвојување од колективот што укажува на тоа дека станува збор за ритуално убиство, а потоа и самоубиство.

Црнила и спуштени ролетни

„Сè што е пронајдено во куќата е однесено на вештачење и анализа. Од куќата биле одземени и компјутери и мобилни телефони на родителите. Ќе се утврди со кого комуницирале, што пребарувале на интернет, какво е специфичното значење на сите тие симболи со кои, судејќи по сè, биле опседнати“, вели изворот и додава дека парот бил отуѓен од околината.

„Жената е родена во Бачки Петровац, но со години немала блиски контакти со родителите и потесното семејство, а тоа било случај и со нејзиниот сопруг, кој во Нови Сад дошол од Белград. Се облекуваа во црно и сета облека им е претежно во таа боја. И нивната куќа постојано беше затемнета, ролетните спуштени, а така било и кога биле пронајдени телата на децата. Тие имале слаб контакт со соседите, па тие речиси ништо не знаат за нив“.

Не излегувале често од домот

Според соседите на брачната двојка, тие се преселиле во Петроварадин пред околу две години. Семејството живеело како потстанари во помошен објект, додека во големата куќа во истиот двор живееле други луѓе. Соседите велат дека го гледале парот на поминување, најчесто жената со децата.

„Не излегуваа често од дома, она што го гледав е дека знаеја да стават ќебе во дворот, да постават храна и да си играат со децата. Се чинеше дека е сè во ред, не се сомневавме дека имаат проблеми, а камоли дека ќе ги убијат децата“, велат соседите и додаваат: „Мајката ги шеташе момчињата по улица, имаа локни, возеа велосипеди. Таа беше убава, со руса коса, слаба, кога беше бремена стомакот едвај ѝ се познаваше“.