Две лица загинаа во сообраќајна несреќа во четвртокот наутро на автопатот А3 меѓу Новска и Окучани во Хрватска. Во сообраќајката што се случила околу 07:15 часот на автопатот А3, учествувале камион и патничко возило.

– Тоа е последна во низата сообраќајни несреќи што се случија на таа делница од вториот најдолг автопат во Република Хрватска, кој води од Брегана преку Загреб и Славонски Брод, односно Посавина до Липовац на границата со Србија, објавуваат хрватските медиуми.

Тие нагласуваат дека во 2007 година на истата делница од автопатот кај Нова Градишка животот го загуби познатиот македонски пејач Тоше Проески.

– На кобниот 16.10.2007 година, околу 06:20 часот, возачот на пејачот Ѓорѓе Ѓорѓески изгубил контрола над возилото и удрил во камион со приколка. Тоше почина на лице место. Имаше само 26 годин, објавуваат хрватските медиуми,

На истиот автопат во 2013 година животот го загуби и актерката Долорес Ламбаша, но малку подалеку од местото каде загина Проески.

Актерката почина од повредите со кои се здоби во тешка сообраќајна несреќа кај клучката Среданци. По несреќата во која беа повредени актерот Стојан Матавуљ со кој била во возилото и возачот на друг автомобил, Ламбаша итно е префрлена во болницата д-р Јосип Бенчевиќ во Славонски Брод, каде и била итно оперирана, но повредите беа премногу тешки.