Почина познатата македонска пејачка Атина Апостолова (78).
Колеги од естрадата, роднини и пријатели се простуваат од неа на социјалните мрежи.
Тажната вест за порталот „ММС“ ја потврди и нејзината колешка Вики Среброва.
„Замина мојата Тинче. Ја барав денес неколкупати, но не ми се јави. Три часа ја барав. Ми стана сомнително и заминав кај неа дома. Кога отидов беше затворено, а живее на приземје. Повторно ѝ ѕвонев и не ми се јави, па се јавив кај сестра ѝ, која ме посоветува да одам од задната страна. Кога отидов погледнав низ прозор, телевизорот работеше, а се’ наместо ѝ стоеше. Се јавив на сестра ѝ и заминав дома. Подоцна сестра ѝ ми се јави и ми кажа дека брат ѝ морал да го скрши прозорот за да влезат и кога влегле ја нашле почината“, раскажува Среброва за „ММС“.
Познатата пејачка и водителка открива дека неодамна Атина имала операција на срце, но дека се’ поминало во најдобар ред.
Апостолова е родена на 20 мај 1946 година во Скопје, каде и дипломирала на Економскиот факултет. Најпозната е по рефрените „Запејте мераклии“ и „Цела вечер ќе ти пејам“, евергрини на домашната фолк-сцена.