Укинат му е ефективниот притвор на Стефан Димковски, осомничен за помагање при бегство на Љупчо Палевски-Палчо, дознава „Скопје1“.
Одлуката ја донел Кривичниот суд, откако претходно, судија на претходна постапка во три наврати му го продолжуваше притворот и три месеци го држеше зад решетки. Сега Димковски ќе се брани од слобода. Димовски е осомничен дека му помогнал на Палчо да избега од Македонија, откако тој го извршил двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Скопје1“ побара став од судот на што ја темелат ваквата одлука и што ги убедило дека Димковски нема да влијае на сведоци или да се даде во бегство, особено ако се има во предвид дека претходно по овие основи го држеа зад решетки.
-Во Обвинителството прашавме – дали Димковски и натаму има статус на осомничено лице, како и дали има нови моменти во истрагата, со оглед дека има и прво ослободување од притвор. Од двете места очекуваме одговори, пишува порталот.
Димковски во декември, пред да влезе во судот каде му беше одреден притвор, на прашање од „Скопје1“ кажа дека не се чувствува виновен во овој случај. На прашањето дали пак би го возел Палчо како што направил претхдоно, тој додаде: „Јас го возев на болница“.
Димковски го возеше Палчо на релација Белград-Бугарија-Турција, па се врати во Македонија. Беше уапсен на граница.
Ова е прв укинат притвор за овој предмет. Во притвор, остануваат осомничените за реализација на убиството и таткото Александар Ѓорчевски, осомничен за помагање со тоа што дал информации за тоа кога Вања ќе ја напушти зградата, пишува порталот.