По ужасниот терористички напад во Москва, во кој загинаа 144 лица, а уште стотина луѓе се водат како исчезнати, Русија, која има мораториум на смртната казна, дебатира за нејзино повторно воведување, бидејќи сите напаѓачи и неколкумина помагачи, велат во Москва, се уапсени.

За овој монструозен напад веднаш се бараше смртна казна, но сега се појави нова опција. Судењето би можело да биде префрлено во Белорусија, каде се уште е на сила смртната казна, а московскиот весник Комерсант наведува дека во нападот загинале „најмалку тројца белоруски државјани“, како што соопшти белоруската амбасада во Москва.

– Белорусија се уште ја има смртната казна во своето законодавство и има право да им суди на сторителите на терористичкиот напад во градското собрание Крокус за смрт на своите граѓани, изјави претставничката на руската Дума, Марија Бутина. Според неа, преговорите за ова се водат „преку надлежните органи“. Москва и Минск разговараат за „технички прашања“.

Имено, Белорусија би можела да побара екстрадиција на сите уапсени кои биле инволвирани во терористичкиот напад во Московскиот регион, а потоа би биле осудени на смрт.

– Добро сум запознаен со белоруското законодавство, вклучувајќи ја и смртната казна, која важи. Во овој случај се работи за убиство на две или повеќе лица, така што вие имате исто право да им судите на тие луѓе како и Руската Федерација, изјави Марија Бутина за белоруската државна телевизија Белорусија 1.

Според неа, поради мораториумот на смртната казна во Русија, напаѓачите можеби се надеваат дека ќе ја избегнат најстрогата казна, но, вели Бутина, „да почекаме да видиме, бидејќи преговорите се во тек“. Но, во Русија, веднаш по терористичкиот напад, почнаа да зборуваат за враќање на смртната казна, иако оваа дебата е актуелна уште од порано, бидејќи некои претставници на Думата веќе предложија нејзино враќање од почетокот на агресијата врз Украина, „поради предавство“. Думата ќе разговара за укинување на мораториумот на смртната казна, јавуваат прорежимските руски медиуми.

Во првата фаза, пренесува Известија, се планира да се започне јавна расправа. Во исто време, Уставниот суд може да даде изјава за ова, рекоа за „Известија“ од Уставниот суд, а еден од најблиските соработници на Владимир Путин, Дмитриј Медведев, изјави дека за терористите може да се примени „исклучок од мораториумот“.