Вечерва околу 19:30 часот дошло до пукање на улица во Каштел Штафилиќ во Хрватска во кое две лица се повредени и тие се пренесени во сплитската болница за понатамошна лекарска помош, јавува Слободна Далмација.

Според првите неофицијални информации, станува збор за можна пресметка меѓу соседи во која една од жртвите била застрелана со огнено оружје, додека другата жртва најверојатно била брутално претепана.

Како што неофицијално дознава Слободна Далмација, едно лице било застрелано, а друго нападнато со секира! Второто наводно отишло да му помогне на повредениот, па насилникот го удрил со секира по глава! Истрагата ќе утврди и дали до конфликтот дошло околу паркинг места, како што велат првите неофицијални информации.

Според првите информации од болницата и двете лица се стабилни:

– Примени се двајца мажи. Првиот пациент (роден 1978) се здобил со три прострелни рани, во пределот на стомакот, левата натколеница и надлактицата на десната рака. Во овој момент се извршува итна операција, по што ќе се процени тежината на повредите. Друг пациент (1978) се здобил со рана во пределот на главата. Медицинскиот третман е во тек – одговорија од КБЦ во Сплит.

Јутарњи поседува вознемирувачко видео кое е снимено откако е застрелан мажот. На него јасно се гледа како едно лице се обидува да му помогне на ранет човек, но во тој момент излуден човек го напаѓа одзади и го удира со секира по главата. За среќа, во тој момент на ранетиот му помогнале двајца минувачи кои насилно го запреле напаѓачот и го задржале додека не дојде полицијата.

– Видеото е вознемирувачко и нема да го објавиме, објави Јутарњи лист.

Уапсениот сторител наводно е 58-годишен поранешен морнар кој пред 21 година имал проблеми со законот, односно бил пријавен за обид за убиство и недозволено поседување оружје. Потоа бил уапсен бидејќи со нож избодел тогаш 18-годишно момче во грбот и стомакот, наводно затоа што уринирало по ѕидовите од неговата куќа.

Полицијата потоа кај него пронашла пушка М-48, чаури за рачен фрлач и тромбонска мина. Како што пишуваа тогаш весниците, тој по апсењето го признал делото и по сослушувањето кај истражен судија бил пуштен на слобода.

Ќе биде интересно да се види што сега ќе најде полицијата во неговата куќа, а нема сомнеж дека овој пат нема така лесно да биде ослободен.