Портпаролот на виенската полиција Матијаш Шустер денеска изјави дека откако ја погледнале снимката роднините на исчезнатата Данка Илиќ (2), голема е веројатноста дека станува збор за исчезнатото девојче и нагласи дека полицијата објавила различни фотографии за оваа намена денес.

Шустер за Танјуг нагласи дека Државната криминалистичка полиција во Виена веќе покренала истрага.

– Имаме многу добар и близок контакт со српските власти во врска со девојчето кое исчезна на 26 март. Денеска по налог на виенското јавно обвинителство објавивме разни слики, на тие слики се гледа мало дете и уште две жени. По увидот на роднините на тој видео материјал, голема е веројатноста да се работи за исчезнатото девојче – изјави Шустер за Танјуг.

Претходно, виенската полиција излезе со соопштение и нагласи дека по наредба на австрискиот јавен обвинител побарала објавување на нови фотографии на кои се гледа девојче кое личи на исчезнатата Данка Илиќ.

Како што се наведува во полициското соопштение, потерницата е издадена затоа што постои сомнеж за киднапирање на дете, а во исто време се повикуваат сите кои ги познаваат жените или знаат каде се наоѓаат веднаш да се обратат во полиција.