„Еден градежен инженер, двајца градежни работници и двајца чувари биле присутни во Универзалната сала во моментот кога избувнал пожарот, но за среќа, никој од нив не е повреден“.
Ова предмалку го изјави Лазар Арсовски, сопственик на компанијата која ја вршеше реконструкцијата на Универзалната сала.
Според него, проблем со стара електроинсталација најверојатно е причината за пожарот.
Стар кабел или инсталација е можната причина за пожарот во Универзална сала, вели Лазар Арсовски, претставник на фирмата „Универзал балкан“ која е изведувач на салата. Тој посочи дека почнал дим, мајсторите пробале со противпожарен апарат да го изгаснат, а со оглед дека се иверици кои се суви – брзо горат. Во моментот на пожарот, во салата, немало работници.
– Имаше работници во Универзалната сала, но за среќа тие не биле внатре во објектот во моментот кога избувнал пожарот. А замислете, до пред само 10 дена имаше околу 80 работници кои работеа во Универзалната сала. За среќа, денеска немаше повредени. Градежните работници први го забележале пожарот и се обиделе да го изгаснат со противпожарни апарати, но не успеале, бидејќи била зафатена стара иверица кој за многу брзо време изгорела. Работниците ги повикале пожарникарите – изјави Арсовски.
Изјава за медиумите даде и Душко Поповски, поранешен директор на Универзалната сала.
– Видно ме вознемири веста дека гори Универзалната сала. Универзалната сала е синоним за сите луѓе, веројатно попрепознатлив и од старата железничка и од Зоолошка градина и од сите објекти во оваа држава – рече Поповски.
За среќа, како што посочи, нема човечки жртви ниту повредени луѓе.
– Бев тука директор од 2005 до 2009 година, време во кое што и тогаш беше преамортизиран објектот, дури беше и на граница на употреблива вредност, значи ваков објект од времен карактер не смееше да работи во такво светло повеќе од 40 или 50 години. Не работи веројатно последниве седум, осум години, меѓутоа од кога станав директор прва информација која што ја примив беше дека сличен објект или ист ваков, бидјеќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути. Можете ли да замислите каква трагедија би било во случај на преполна сала – рече Поповски.