Маж, кој е идентификуван како Валон Алија (36), ја убил својата 21-годишна поранешна сопруга Ерона Чокли и го ранил нејзиниот 15-годишен брат Д.Ц. денеска во Урошевац, јавува локалниот портал „Њузбомб Албанија“. Младата жена која стана жртва по разделбата од сопругот била згрижена во Центарот за социјална работа во Урошевац. Влегол во центарот и ја застрелал поранешната сопруга.

Во инцидентот покрај братот на починатата, повредена е и Аделина Реџепи, директорка на Центарот за социјална работа во Урошевац. Таа за косовските медиуми раскажа како започнал конфликтот, а изјавила дека тој првично немал конфликт сопругата, се додека по вторпат не се вратил во центарот.

– Навистина немаше конфликти, мажот дошол да го земе детето во 13 часот и го однел. По два часа се вратил и ја сретнал сопругата пред центарот каде започнал конфликтот и потоа се случила трагедијата. Девојката поднела барање за развод – изјави Реџепи.

Се огласи и Курти

На тешкиот инцидент што се случи денеска реагираше дури и премиерот на Косово Аљбин Курти.

– Не треба да чекаме да ги дознаеме деталите – најостро го осудуваме овој злочин кој се повторува. Гнев и одвратност има кај секој граѓанин на Косово денес. Правдата треба да делува без одлагање, прифаќајќи дека претходниот ефект изостанал и дека одговорноста е секогаш висока – напиша Курти.

Убиената Ерона по разделбата со сопругот била сместена во Центарот за социјална работа во Урошевац.

Во меѓувреме му е одреден притвор и задржан 48 часа. Основното обвинителство во Урошевац ќе поднесе барање за определување притвор.