Шпанскиот спорт е потресен по веста за ненадејната смрт на 17-годишната гимнастичарка Марија Харанц Гомез.
Марија почина во четвртокот во Универзитетската клиника во Гвадалахара како последица на менингитис, оставајќи ги во шок и неверување спортските личности во земјата.
„Марија неочекувано не напушти по страшниот менингитис кој ја зеде за само 24 часа, оставајќи не во неверојатна тага. Градското собрание сака да ја изрази својата најголема болка, со искрено сочувство на семејството и пријателите на Марија, посебно до нејзините родители, Ракел и Алфонсо, нејзиниот помал брат и сите нејзини роднини“ – се вели во соопштението од Градското собрание на Гвадалахара.
Објавено е и дека ќе биде прогласена дводневна жалост во градот.
Марија беше репрезентативка на Шпанија во гимнастика, специјализирана за трамполина. Беше дел од селекцијата на Шпанија на Светското првенство во ноември 2023 година, а кандидат за настап и на Летните олимписки игри 2024.