Под мотото „Будење“, Србија денеска одбележува една година од масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.

Во 08:41 часот утринава медиумите во Србија ги прекинаа телевизиските и радио програмите. Тоа е времето кога точно пред една година Коста Кецмановиќ вооружен со пиштолот на татко му, почна да ги убива соучениците, а уби девет ученици и училишниот чувар во училиштето.

Пред училиштето дојдоа родителите на убиените деца, а се собраа и голем број граѓани, пријатели, роднини на жртвите, за да им оддадат почит. Глетката пред училишната зграда никого не остава рамнодушен, објавија српските медиуми.

На посебно плато пред училиштето, каде се поставени фотографиите и имињата на убиените деца и чуварот, се оставаат цвеќиња и се палат свеќи.

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, утрово положи цвеќе во ОУ „Владислав Рибникар“.

На самиот влез во училиштето беше поставена просторно-уметничка инсталација „превез на плачот“ на која беа испишани имињата на сите жртви од училиштето Рибникар. Граѓаните се повикуваат да дојдат на целодневниот форум во Ташмајданскиот парк и да разговараат со членовите на тимот за воспоставување меморијален центар за жртвите на ова масовно убиство.

По палењето на свеќите, граѓаните ќе можат да го посетат т.н „простор на тишината“, како што организаторите го нарекоа просторот на улиците околу ОУ „Владислав Рибникар“.

Во петок, во 20:30 часот на РТС 1 ќе биде пуштен документарниот филм „Болка“, во чест на убиените ученици.

Против родителите на малолетниот Кецмановиќ, Владимир и Миљана Кецмановиќ поведени се кривични и пет граѓански постапки. Убиецот нема да одговара бидејќи немал 14 години кога ги извршил убиствата. Тој е на лекување во психијатриска болница.