Седум бебиња загинаа во голем пожар во болница во источниот дел на Њу Делхи, а пет се спасени и префрлени во друга болница, соопштија денеска локалните власти.

Сопственикот на болницата за бебиња во која избувна пожарот во саботата е во бегство, соопшти полицијата. Како што пренесе Тајмс оф Индија, пожарот е ставен под контрола, а истрагата за причините за несреќата е во тек.

Противпожарните служби во Делхи соопштија дека примиле повик за пожар во 23.32 часот во центар за нега на бебиња во областа Вивек Вихар во Источен Делхи, по што дури 16 противпожарни екипи биле итно пренесени на местото.

Официјалните лица рекоа дека 12 новороденчиња биле спасени од првиот кат на зградата, но седум починале додека биле на лекување во болница.
Во болница моментално се лекуваат пет деца.

Причината за пожарот допрва ќе се утврдува, а против сопственикот на болницата е поднесен случај.

Главниот министер на Делхи, Арвинд Кејривал, рече дека пожарот во детската болница ужасен.

„Причините за несреќата се истражуваат и кој и да е одговорен за ова невнимание нема да биде поштеден“, објави тој на X.

Претходно во саботата, дваесет и седум лица, меѓу кои девет деца, загинаа во големиот пожар што избувна во зоната за игри во Рајкот во Гуџарат.