Поради мајонез, во ресторан во Саудиска Арабија кој бил контаминиран со бактерија Clostridium botulinum, едно лице починало, а 75 други се разболеле.

Причината е ботулизам, ретка, но сериозна болест предизвикана од токсин произведен од бактеријата Clostridium botulinum, а споменатиот мајонез бил контаминиран со таа бактерија, која може да се размножува во неправилно складирана храна.

Ако бактеријата Clostridium botulinum ви звучи познато, тоа е затоа што се користи за создавање ботокс, медицинска инјекција што се користи за лекување на брчки на лицето и други состојби како хиперхидроза, прекумерно потење предизвикано од нарушена работа на потните жлезди.

Инаку, ботулизмот е многу редок, па сепак, тоа е многу сериозна состојба и сите видови на ботулизам се сметаат за потенцијално фатални. Clostridium botulinum, бактеријата која предизвикува ботулизам, природно се јавува во храната и сама по себе не е опасна. Проблемот е кога бактериските спори во услови без кислород се трансформираат во ботулински токсин, еден од најсмртоносните познати токсини.

Дури и микроскопски количини на овој отров може да предизвикаат болест или смрт. Може да влијае на нервниот систем откако ќе се проголта, а симптомите обично се појавуваат во рок од 12 до 36 часа по конзумирање на загадена храна. Раните симптоми може да вклучуваат гадење, повраќање, слабост и вртоглавица проследени со невролошки симптоми и, во најлош случај, смрт од респираторна инсуфициенција.

Според Светската здравствена организација, ботулинските токсини се една од најсмртоносните супстанции познати и ги блокираат нервните функции и можат да доведат до парализа на респираторниот систем и мускулите. Затоа, од исклучителна важност е рано да се дијагностицира ботулизмот, за да може заразените да се лекуваат со антитоксин.

Многу намирници, особено оние кои се чуваат неправилно, се изложени на ризик од овие токсини. Домашната храна која е неправилно складирана е изложена на најголем ризик, вклучувајќи храна со малку киселина, шеќер и сол, како и храна складирана во средини со ниска содржина на кислород.