Валерија (9) од Украина исчезнала на 3 јуни на пат кон училиште во градот Дебелн, Германија. Од тој момент повеќе од 400 германски полицајци ја пребаруваат густата шума недалеку од местото каде што исчезна детето.

Според германските медиуми, полицаец денеска околу 14:30 часот пронашол тело во „Кноленштајн“ во близина на квартот Дебелн во Хермсдорф, на околу три километри од станот на родителите на Валерија. Засега нема официјална потврда дали е пронајдено телото на девојчето или станува збор за друго тело, објавува Билд.

Сведоци слушнале плач од шумата

Најголемата и најинтензивна операција за потрага по Валерија досега е спроведена на тој простор, а сведоците претходно објавија дека слушнале повици за помош во густата шума.

Полицијата се уште не може да потврди дали телото на девојчето е пронајдено.

– Во моментов се проверува дали е пронајдено телото на деветгодишното девојче од Дебелн по кое се трагаше. Наш прв приоритет е да обезбедиме докази на местото каде што е пронајдено телото – изјавил за Билд портпаролот на полицијата.

Истрагата на местото на злосторството најверојатно ќе продолжи до ноќта, поради што локацијата на која е пронајдено телото, недалеку од автопатот, е оградена.

Полицијата најави прес-конференција за среда попладне.

– Оваа страшна вест многу ме растажи. Шокиран сум и не ми се верува – изјави за „Билд“ градоначалникот на Дебелн, Свен Либхаузер, откако беше пронајдено телото.

Девојчето, по потекло од Украина, живее во Германија со нејзината мајка од 2022 година. Нејзините родители се разведени, а нејзиниот татко е на фронтот во Украина.

Исчезна на пат кон училиште

Да потсетиме, Валерија (9) исчезна на пат кон училиште во понеделникот наутро во градот Дебелн, Германија, а по неа се води голема потрага. Хеликоптер лебди над централна Саксонија додека неколку полицајци патролираат во областа околу овој германски град со околу 24.000 жители. Сите го бараат детето кое исчезнало без трага.

Исчезнатото девојче од Украина, кое живее со својата мајка во Дебелно, излегло од куќата околу 6 часот и 50 минути. Таа требаше да оди на училиште со автобус, но никогаш не стигна до училницата.

– Во моментов не се ни знае дали во понеделникот наутро се качила во автобусот. Истрагата откри дека Валерија не била на час – изјави портпаролката на полицијата Јана Улбрихт.

Засега не се знае зошто училиштето не алармирало дека девојчето не дошло на настава. Кога Валерија попладнето не се вратила дома, мајка ѝ повикала полиција.

– Валерија никогаш не бегала од дома, поради што семејството е многу загрижено – додала портпаролката на полицијата.