Се бранела, а не планирала убиство. Вакви реакции стигнуваат од невладини организации и луѓе од правната струка, откако кумановското обвинителство отвори постапка за убиство со умисла, а судија на претходна постапка и одереди притвор на 36-годишната жена од Кратово, која пред четири дена ги уби сопругот и свекотрот.

Ова доаѓа откако обвинителството потврди дека нејзиниот сопруг бил осуден за загрозување на сигурноста при вршење на семејно насилство и за него имало условна казна оти ја тепал неговата сопруга. Од МВР велат дека до нив имало поплаки во кои жената се жалела од свекрвата и золвата, но и една во која нејзиниот сопруг ја пријавил нејзе.

Според неофицијални информации, на критичниот ден таа добила ќотек од нејзиниот маж и неговиот татко. Адвокатот Јанаки Митровски, кој веќе има искуство со вакви случаи, преку својот фејсбук профил побара да стапи во контакт со семјството на жената. За ТВ 24 вели дека ослободителната пресуда за велешанката Пале Иловска, не може да биде пракса во домашното судство, но секако дека мора да влијае врз конечната одлука на судот.

Реагираа од Платформата за родова еднаквост. Оттаму сметаат дека убиството се случило како чин на самоодбрана, на жена која долги години трпела семејсно насилство, а институциите не го сопреле тоа. Бараат од судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти.

– Иако судската пракса не е задолжителна, бараме Судот да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале. Особено треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани.

36 годишната жена од Кратово во четвртокот вечерта со нож ги уби својот сопруг и неговиот татко. Овој случај личи на велешкиот од пред три години, кога Пале Иловска со нож го уби својот сопруг, кој подолго време ја тепал. Велешкиот суд ја ослободи од вина.