8 месечно бебе почина при транспорт со возило на Итната медицинска помош од Прилепската болница до Клиниките во Скопје. Бебето вчера попладне во исклучително тешка здравствена состојба во болница го донела неговата мајка. Откако било прегледано од лекар педијатар, тој веднаш одлучил да го испрати до повисока здравствена установа. Но, малото дете, не го издржа ниту транспортот, па почина во санитетското возило на пат до Скопје.

Од болницата во Прилеп велат дека 8 месечното бебе било неухрането и тешко само 3 килограми, а немало ниту извод од матичната книга на родените, поради што случајот го пријавија во полиција. За да се утврдат причините за смртта јавен обвинител нареди обдукција врз телото на бебето.

За еден месец ова е четврти случај на починато бебе во нашите болници или при трнаспортот во Скопје.

Минатата недела новороденче од Ресен, старо само 30 часа почина, откако му се влошила здравствената состојба по породувањето во Болницата во Битола, беше испратено на Детската клиника, но почина при транспортот.

На 17 мај, 9 месечно бебе во тешка здравствена состојба, без свест било донесено од Итната медицинска помош во Охридската болница, по што лекарите констатирале смрт. Неколку дена претходно во специјалната охридска болница „Св. Еразмо“ , почина 7 месечно девојче од Вевчани по извршен хируршки зафат поради повреда на главата и мозочно крвавење.

Во сите овие случаи обвинителството побара обдукција и се истражуваат причините за смртта на четирите бебиња кои починаа за еден месец во Охрид , Битола и Прилеп.