По Тетово и Скопје го зафати силно невреме, проследено со пороен дожд и грмотевици. Дел од оградата заедно со рекламно пано од железничкиот мост во Автокоманда паднале врз две возила во движење, информираат од Центарот за упревување со кризи. Нема имформации за повредени лица, соопшти ЦУК.

По невремето кое вечерва го зафати Скопје, има бројни пријави за паднати дрвја, поклопени автомобили, одвеани покриви.

– Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнаа околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров. Сите пријави се пренесени на надлежни институции – додаваат од ЦУК.

Истовремено блокирани се надвозници кај Бутел и паднати се дрвја на повеќе места. Поплавени се улици во Чаир, Ченто, кај Пластичарска.

Според првичните информации во повеќе делови од градот дошло до прекин на електричната енергија, а собраниската седница, на која треба да биде избрана новата влада, е прекината откако снема струја во зградата на Парламентот. Во моментов е дадена пауза.