Според првичните неофицијални информации, Радомировиќ им подлегнал на повредите на пат од селото Орман кон скопските клиники, откако претходно бил пронајден со раскрварена глава во близина на селото, а до него имало пиштол и чаура, објави доцна вечерва порталот 360 степени.

Познатиот бизнисмен Чедомир Радомоовиќ починал како последица од тешките повреди здобиени најверојатно од огнено оружје. Бил пронајден во близина на скопското село Орман, покрај паркиран автомобил. Екипата на Итната медицинска помош го затекнала застрелан со раскрварена глава, а покрај него имало пиштол и чаура. И покрај брзата интервенција, на пат до скопските клиники каде требало да биде пренесен, Радомировиќ им подлегнал на повредите.

Од полицијата велат дека е поведена истражна постапка и не соопштуваат дали станува збор за убиство или самоубиство. Најавуват дека повеќе информации може да се очекуваат во текот на утрешниот ден.

Основач беше на Радо Банка, која пропадна во 2005 година откако Народната банка на Македонија констатира дека е неликвидна и не може да ги извршува налозите за плаќање.